Манчевски: 10 години членовите на СДСМ беа најзагрозени граѓани. Каде сега да одат овие луѓе?

„10 години сите членови на СДСМ беа најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор и ова е факт. Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции“, одговори денеска министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски, на новинарско прашање околу непотизмот во власта.

Според него, овие вработувања се всушност и спречување на одливот на кадри во странство, а не непотизам.

„Еве да се со согласиме дека сепак тоа е проблем, каде да одат тие луѓе? Во ред, еве ви кажувам, ајде да се договориме, да речеме луѓе да ја напуштат државата“, изјави тој.

И министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска, не гледа непотизам во последните вработувања на роднини на носители на јавни функции за кои речиси секојдневно обелоденуваат медиумите.

Најсвежиот пример меѓу „спорните“ е тој од петокот, кога мајката на Боки 13 – Јасминка Јовановска, беше изгласана за член во Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. Претходно антикорупцинер стана и баџанакот на спикерот Талат Џафери. Нешто порано, сестрите на министрите за економија и култура се вработија во МЕПСО и ЕЛЕМ. Синот на пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска и ќерката на Талат Џафери, претседателот на Собранието, се вработија во ЕЛЕМ. И синот на Љубомир Фрчкоски е поставен за помошник директор во ПУИК. Ќерката на поранешнот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта од ДУИ, е вработена во државната компанија МЕПСО.

Прочитајте и:  Меџити: Прашањето со екстрадицијата на Рамадани треба да го решиме генерално, а не случај по случај

За министерот за економија – Крешник Бектеши, исто така не е непотизам вработувањето на неговата сестра во МЕПСО. Како што самиот изјави, тоа што оваа инстуција не е под ингеренции на неговото министертво, значи дека тој не можел да реагира за нејзиното вработување.

Минатата недела министерката Радмила Шекеринска вработувањата на блиските на јавните функционери ги правдаше со „мала земја сме“.

„Кога ќе ми најдете држава со два милиони во кои што семејствата на сите некако ќе исчезнат и нема да се дискутира, јас ќе ви кажам браво“, изјави министерката за одбрана.

Извор: МКД / Сител

- Реклама -