Макрон, во двочасовен телефонски разговор, го повика Путин да дозволи евакуација од „Азовстал“

Париз, 3 мај 2022 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон во двочасовен телефонски разговор го повика рускиот претседател Владимир Путин „да дозволи продолжување на евакуацијата“ од фабриката за челик Азовстал во Мариупол.

Евакуацијата од тој објект во пристанишниот град во источна Украина мора да се случи „во координација со хуманитарните актери и дозволувајќи им на евакуираните да изберат дестинација, во согласност со меѓународното право“, соопшти Елисејската палата на денот кога руската војска започна нов напад на челичарницата од која, според Обединетите нации, досега се евакуирани 101 цивил.

За време на телефонскиот разговор, Макрон повторно „ја изрази својата длабока загриженост за Мариупол и ситуацијата во Донбас“, соопшти неговиот кабинет.

Макрон ја искажал и неговата континуирана достапност да работи на условите за решение преку преговори за да се овозможи мир и целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, обновувајќи го своето барање за прекин на огнот, јави дописникот на МИА од Париз.

Според соопштението на Елисејската палата, кое беше издадено по тоа на Кремљ, Макрон уште еднаш ја „подвлече крајната тежина на последиците од војната за агресијата што Русија ја води против Украина“.

Прочитајте и:  Бајден бара од Конгресот да и отпише долг на Украина од 4.6 милијарди долари

Тој, исто така, ја изрази својата достапност да работи со надлежните меѓународни организации за да помогне во укинување на руската блокада на украинскиот извоз на храна преку Црното Море со оглед на нејзините последици врз светската безбедност на храната.

„Претседателот на Републиката ја повика Русија да ги исполни своите одговорности како постојана членка на Советот за безбедност, ставајќи крај на оваа разорна агресија“, се наведува во соопштението.

Францускиот претседател ја искажал неговата континуирана достапност да работи на условите за решение преку преговори за да се овозможи мир и целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Макрон на крајот, како што се вели во соопштението, „го обнови барањето за прекин на огнот“.

Претседателот на Франција телефонски разговараше со претседателот на Руската Федерација, во траење од два часа. Овој разговор доаѓа по телефонскиот разговор меѓу претседателот на Франција и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 30 април.

- Реклама -