Видеото, како медија, има моќ да влијае на чувствата и начинот на размислување на луѓето, па и на начинот на кој го гледаат светот. Има и моќ да ја шири свеста. Никола Стефановски, Емил Славковски, Томислав Живковиќ и Огнен Аревски ги искористија овие моќи, и тоа им донесе победа на 5-тото јубилејно издание на NASA Space Apps Challenge во Македонија.
Натпреварот, кој се одвива во светски рамки, се одржа во периодот од 28 – 30 април, а годинава доминираа три средношколски тимови: DELTA, SWIFT и NUMERO UNO – два по избор на жири комисијата, и еден по избор на публиката. Во следната етапа ќе се натпреваруваат на глобално ниво против 140 тимови за освојување на првото место, со кое во пакет добиваат и патување во Флорида на лансирање на ракета. Победникот ќе го одлучува жири комисија и претставници од NASA.
Миленици на македонската публика (добитници на People’s Choice наградата) се токму четворицава момци од погоре, сплотени во тимот наречен NUMERO UNO. Тие се нашиот креативен адут во трката, и добро е што е така – нивното видео изобилува со три минути одлични аргументи за тоа колку е КУЛ Земјата, но и со совет што има потенцијал да го смени целото човештво на подобро – ако луѓето дознаат повеќе за уникатноста на нашата планета, фокусот ќе им се смени кон тоа што нé обединува, а не кон секојдневните тривијалности, како религијата, парите и другите бесцелни потери.
Видеото многу подобро ќе ви објасни.
Се поднаеживте? Тогаш следниот чекор е да го посетите официјалниот сајт на NASA Space Apps Challenge, подетално да го ѕирнете проектот EARTH IS COOL!, и да гласате (за NUMERO UNO, нормално)! Тоа можете да го направите на копчето „VOTE“ на првиот линк, на самата страна на проектот (види слика), или на овој ЛИНК, откако претходно ќе се регистрирате и ќе кликнете на линкот за потврда кој ќе го добиете на мејлот со кој ќе се регистрирате.