Обединетата македонска дијаспора (ОМД) реагира на документарниот филм „Selling lies“ („Продавање лаги“), во кој како продуцент се јавува холивудската ѕвезда Морган Фримен, а кој се бави со проблемот со лажни вести со посебен фокус на велешките тинејџери кои наводно влијаеле врз претседателските избори во САД во 2016-та.
Претседателот на ОМД – Методија Колоски, проблемот во документарецот го гледа во тоа што (во трејлерот/најавата) е прикажана само една страна на Македонија – како руинирана заостаната земја во која секој ќе направи што било за пари. Тој вели дека трошните блокови не се единствената слика за Македонија и дека секоја земја има такви, затоа се надева дека ќе биде прикажано и културното богатство, меѓу другите позитивни одлики на Македонија.
Директорката на ОМД – Вероника Томова, од друга страна, стравува дека документарецот може да ја прикаже Македонија како вклучен актер во американско-руското ривалство, што според неа не би било објективната слика за земјата.
Колоски, пак, смета дека е навреда на интелигенцијата за секој со мало познавање од изборните принципи и практики – да се тврди дека група тинејџери од Велес се заслужни за исходот на претседателските избори во САД во 2016-та.
И ние сме тука некаде на истата линија со последниов став на Колоски, а тоа го покажавме и по една слична авантура на CNN во Велес лани во октомври. Ако ви се чита зошто толку нé налутија, повелете на: „Страв и паника од Трампов Велес – CNN во потрага по лажни вести“. А за повеќе детали за документарецот на Морган Фримен, како и реакциите на ОМД, повелете на „Независен.мк“.