Страв и паника од Трампов Велес – CNN во потрага по лажни вести

Имаме епидемија на лажна информација која се шири наоколу, користејќи ги социјалните мрежи како акцелератор, вели воведот во предраматичната видео-сторија на CNN, објавена на 15-ти септември годинава, насловена „Машината за лажни вести се загрева за 2020-та“.

„Лажните вести доминираа на американските избори во 2016-та. Еден град во Македонија беше во самиот центар на тоа“, вели новинарката на CNN додека разгледува вести од типот „Бил Клинтон призна во интервју дека е убиец“ на politicspaper.com – сајт кој ако го отворите во моментов ќе ви даде само празна страница или некаков проблем од типот „не е најден“.

Машината за која се зборува, можеби веќе претпоставувате, е Велес. Трампов Велес, поточно.

„Тоа е огромен бизнис. Огромна индустрија. Огромна мрежа“, тврди новинарката. Според неа, Велес, кој некогаш бил познат по фабриките за керамика, денес локално е познат по лажните вести.

Ах Велес, Велес…

Веројатно веќе знаете како оди процесот на богатење од лажни вести. Пишувате бомбастични стории и се надевате дека ќе станат вирални. Притоа имплементирате реклами од Фејсбук и Гугл, па од секој клик добивате мал дел од цент. Собрано на купче, со сторија што станала вирална во САД, може да направите и добри пари.

Што се однесува до Велес…

„Постојано слушам дека фејк њуз индустријата вреди милиони и милиони долари, но шетајќи овде, јасно се гледа дека ова не е град кој е поплочен со злато… Наместо тоа, местото остава впечаток дека е заробено во некаков вртлог на времето, истовремено брзајќи во новиот дигитален свет“, опишува новинарката.

Наводно екипата на CNN налетува на неколку луѓе во Велес поврзани со „производството“ на лажни вести. Речиси никој од нив не сака да зборува со новинарите, велат, „бидејќи се плашат дека ќе бидат фатени и сајтовите ќе им бидат изгасени“. Особено се плашат, нагласуваат од CNN, откако Фејсбук и Гугл им објавија војна на лажните вести.

Еден од тие малкуте што сакаат да зборуваат, иако не е од поврзаните, е градоначалникот на Велес – Славчо Чадиев. Додека стојат на покривот од една зграда која, според Чадиев, порано ја „држеле“ луѓе што го работеле „баш тоа“, градоначалникот ѝ објаснува на новинарката дека тоа е „ваш, американски начин за правење брзи пари“.

Во потрага по велешките мастермајндови

Според сторијата, екипата на CNN е во Велес и во обид да го најде изворот на неколку постоечки сајтови за лажни вести за кои знаат дека потекнуваат од Македонија (IP адресата прво покажува Тексас, ама после покажува и „Veles“). Додека листа еден таков сајт на лаптопот, сајт кој во видеото е прикажан со скриено име и адреса, новинарката објаснува колку е сериозен проблемот со лажните вести:

„Некои сајтови се очигледно лажни вести. Но, некои сајтови во своите статии мешаат лажни со вистински информации, и тоа може да влијае на некој во САД!“.

Веќе следниот момент, таа покажува на Фејсбук фан пејџот на конкретниот сајт (штом го крие CNN ќе го криеме и ние) и нагласува дека работава не е шала:

„Не се тројца, четворица, или 100 луѓе. 124.000 луѓе ги лајкуваат неговите стории“.

Проблемот е што ние (365.com.mk, портал за занимливости) го најдовме сајтот за кој се зборува, и тоа многу лесно – по насловите на статиите.

* Чисто за напомена, првиот пост во категоријата „политика“ на сајтот е објавен на 10 април 2017-та. Трамп е избран за претседател во ноември 2016-та.

Но, ја најдовме и Фејсбук страната. Излезе дека 124.000 луѓе е вкупниот број на луѓе што ја лајкнале. Ние, на пример, имаме 86.000 фанови на нашиот Фејсбук пејџ. Никогаш во историјата 86.000 луѓе не ни лајкнале сторија, па ни на друг македонски портал. Тоа е невозможно. Секој што поседува Фејсбук страна знае дека работите не функционираат така, туку дека постовите допираат до само мал дел од вкупниот број на публика што те лајкнала. CNN, се слушаме?

Некои велешани, сепак, прават лажни вести

Како и да е, CNN му го наоѓа бројот на сопственикот на (не)споменатиот сајт, и овој, на нивно чудење, се јавува. Значи, не е лажен телефонски број. На обвинувањата од новинарката дека сајтот му е фејк и дека прави лажни вести, типчево од Македонија се правда дека тој не ги смислува вестите, туку дека преработува вести што веќе постојат. На барањето да се сретнат, одбива.

И така, сагата на CNN да го прикаже Велес како центар на светските лажни вести продолжува во локално кафуле, каде „случајно“ налетуваат на еден, според нив, од тие производители на лажни вести.

Тој им објаснува дека кога креираш повеќе профили на Фесјбук, Фејсбук ќе ти ги затвори во наредните 24 часа. Затоа овие купуваат веќе постоечки профили, претежно од деца, за по 2 евра или слична смешна сума; и потоа ги менуваат имињата на профилите во американски имиња. Но тоа е отприлика сé што открива.

„Имаме чувство дека сите во градов се штитат меѓусебно“, истакнува новинарката по разговорот. Подоцна во видеото заклучува и дека во Велес е стара локална традиција да се фрлаат пари на земја (пропратено со кадар од три-четири 10-денарки и можеби едно 50 денари во железни парички), па можеби треба да ја земеме со резерва.

Кога бараш, а не наоѓаш, па префрлаш на драма

„Чекам овде околу 40 минути за да се сретнам со договарачот. Всушност, мислам дека стигна, ене го.“

И таман кога мислат дека веќе нема каде да оди сторијата, како во исклиширан филм (или исклиширана њуз сторија), од никаде ги контактира извесен „Михаил“ – кој се претставува како пионер на лажните вести во Велес, и сака да зборува пред нивната камера, се разбира, анонимно.

Вели дека прави лажни вести и лажни профили цело време. За добра пара, вели, ти треба Фејсбук страна со 500.000 до 1.000.000 фанови. Вели дека заработувал и по 2.000 до 2.500 долари во еден ден. Вели дека со своите 22 години има заработено повеќе отколку некој за цел живот, и дека тоа, на некој начин, го прави горд.

Вели дека знае да направи страна со голема публика и дека ќе направи пак. Вели дека не се замара и не го интересира дали вестите се лажни или не, сé додека луѓето кликаат, тој го вади лебот. Вели дека следна цел му се американските избори во 2020-та.

Бинго!!! CNN добива голема сторија. Светот чита. Параноја, страв, гнасење…. околу Трампов Велес – светскиот центар на лажните вести.

„(Михаил) не е сам зад компјутерот. Има луѓе кои пишуваат приказни наместо него, како и луѓе во САД  од кои зависи. Тоа е огромен бизнис. Тоа е огромна индустрија. Тоа е огромна мрежа. А тој е само еден од стотиците кои работат од Велес“.

Ах CNN, CNN…

Да го игнорираме моментот што пионерот на лажните вести на своја иницијатива ги поканува CNN дома, пред компјутер со отворен профил и Фејсбук пејџ, за да зборува пред камера во сторија која евентуално може да ги освести Американците да престанат да читаат лажни вести, пред сé на Фејсбук, и да си го упропасти бизнисот…

Да се фокусираме на нешто друго: Да, пар момци во Велес по сé изгледа прават лажни вести. Но во сведоштвата само паушално се спомнува некаква голема мрежа; голема по велешки стандарди. CNN не приложува никаков доказ за постоењето на „стотиците“ креатори на веб-сајтови и Фејсбук страни со лажни вести.

Дополнително, CNN сугерираат дека успешен велешки фејк њуз пејџ може да афектира пола милион до милион Американци (т.е. близу 100% колку што има фанови страната). Во истата сторија тврдат дека креаторите на таквите страни константно создаваат/купуваат лажни профили и им ги менуваат имињата во американски. Тогаш, колку од тие пола до милион Американци се всушност вистински Американци од крв и месо и со право на глас?

Понатаму, кој може да докаже дека 100% од лажните вести се во корист на Трамп (ние секојдневно сведочиме лажни вести против Трамп, на пример)? Понатаму, кој може да докаже дека лажните вести имаат 100-процентен ефект во убедување на неодлучени Американци да гласаат за овој или оној? Понатаму, САД имаат 320 милиони жители. Право на глас имаат 230.6 милиони. На изборите гласаа 136.6 милиони. За Хилари Клинтон гласаа 48.2%, а за Трамп гласаа 46.1% (62.979.879 гласови) од гласачите. Зар тие 65.844.954 Американци што гласаа за Хилари не читаат лажни вести, иако доминираат во време на избори? Зошто не наседнаа? А останатите, тие што не гласаа?

Ако лажните вести имаа така силен ефект како што се тврди, бројкиве ќе изгледаа многу поразлично. Но бројките се тука и не лажат, а од нив произлегува дека лажните вести имаат – во најдарежлив случај – мал, ако не и минорен ефект. Дури и тој минорен ефект да имал одлучувачка улога во исходот на американските избори, ФЕЈК ЊУЗ е да се тврди дека ефектот од лажните вести е ДОМИНАНТЕН.  

А Велес? Дали Велес е машината? Може да е, ако сте под дејство, ако никогаш не сте виделе карта на Македонија, ако немате појма колку население има Велес, ако не знаете како функционира интернет (т.е. дека ако Велес прави лажни вести, лажни вести прави и цел свет), или ако имате агенда. А CNN има мотив да има агенда.

Прво, ексклузивноста на сторијата. Второ, можноста Трамп пак да победи на избори. Во предизборието на 2016-та, толку многу беше исмеван секој што помислуваше да гласа за Трамп, што многу од Американците ги фати инат и баш тоа го направија. Оттогаш наваму, анти-Трамп движењето е уште посилно и не бира средства. Ниски удари и допирање на дното се секојдневие. Тоа (меѓу другото) може да се одрази со уште поголем инат, кај уште поголем дел од Американците. Ако тоа се случи, кој ќе биде крив?

Да се признае дека народот попрво би избрал дибек како Трамп, отколку проверен (и компромитиран) политичар што сака да одржи статус-кво во полза на малкумина привилегирани, не е опција. Ќе треба изговор. Лажните вести се идеално алиби, пред сé затоа што ефектот и точните бројки се недокажливи и отворени за бескрајни шпекулации.

Каде е Велес во приказната? Се кладиме дека никој во CNN, па ни пошироко, не верува во наративот дека Велес е центарот на лажните вести. Но Велес го фатија. Му влегоа во трагата. Можеби затоа што вистинските јадра се водат од агенда и се добро организирани; а младиве велешани гледаат да заработат леб, зашто живеат во град и држава без опции.

Во секој случај, фала им на CNN што дојдоа. Ама ако мораме да бираме, ние повеќе си ги преферираме велешките лажни вести отколку нивните.

За крај, шлагот

А тоа е вториот дел од разговорот со велешкиот градоначалник.

CNN: Младите создавачи на лажни вести го ставија градот на светската мапа. Дали сте горди на тоа?

Славчо Чадиев: Па добро, реално ако зборуваме, секој град сака популарност… Но најважно од тоа беше дека ниеден закон на Република Македонија не е прекршен.

CNN: Можеби е легално, но дали е морално исправно?

Чадиев: Јас ви кажав, во политиката нема морал, во политиката нема неморал. Во политиката сé е дозволено.

CNN: Има ли некоја поголема кукла што влијае на овие момци да влијаат врз американските избори?

Чадиев: Јас мислам дека основна е парата…

- Реклама -