Ловрен призна дека малку им се дерел на соиграчите на полувремето

Дејан Ловрен сезонава често беше мета на критики од навивачите и англиските новинари поради лошите партии во дресот на Ливерпул. Одигра неколку навистина слаби натпревари, но како сезоната одминува, така Ловрен станува сé подобар и подобар во последната одбранбена линија.

Не само што не му пречи доаѓањето на Вирџил ван Дијк, туку покрај него игра уште посигурно, а овие два натпревара против Манчестер Сити во четвртфиналето на Лигата на шампионите тој беше и меѓу најдобрите играчи на Ливерпул. Особено импресивно одигра синоќа во реваншот на Етихад, а нормално, не го одминаа ни пофалбите.

Ливерпул лошо го отвори натпреварот па на полувреме заминаа среќни што губат само со 1:0. Но во второто полувреме излезе некој друг Ливерпул. Посигурен, поодлучен и поопасен, што се гледа и од конечниот резултат од 1:2.

„Искрено, малку урлав на соиграчите во соблекувалната. Им реков да се разбудат бидејќи не изгледаме добро и играме предлабоко на сопствената половина. Тоа подоцна го повтори и тренерот Клоп. Ми рече мене и на Вирџил да ја одвлечеме одбраната од Кариус кога Сити ја има топката, нешто што против нив е многу тешко. Но во соблекувалната немаше негативни тонови ни паника. Чиста позитива, а јас само сакав да ги потсетам дечките дека пред нас се долги 45 минути до полуфиналето на Лигата на шампионите“, изјави Ловрен.

„По нивниот ран гол неколкумина од нас меѓусебно си говоревме дека мора да останеме со студени глави и да ги збиеме редовите. Мораме да бидеме искрени и да речеме дека имавме и среќа во клучните моменти, но кога играте така храбро како ние во овие два натпревара, тогаш среќата и ја заслужувате. Верувам дека можеме до финалето, и дека ова на крајот ќе биде одлична сезона, и покрај слабите резултати во Премиер лигата“, додаде хрватскиот репрезентативец.

 

- Реклама -