Литиумот нема да ѝ донесе на Србија попуст на патот кон ЕУ

Државнaта секретарка во германското Министерство за економија, Франциска Брантнер изјави дека евентуалниот проект за експлоатација на литиум нема да влијае на процесот на европска интеграција на Србија, во кој централните точки се владеењето на правото и демократијата, јави дописникот на МИА од Белград.

– Нема да има попуст поради литиумот кога е во прашање владеењето на правото, ниту во однос на Косово или Босна и Херцеговина, изјави политичарката на германските Зелени за берлинскиот дневен весник ТАЗ.

Брантнер додаде дека Зелените отсекогаш се залагале за граѓанско општество во Србија.

– За да ги зајакнеме, успеавме, на пример, да постигнеме (рударската компанија) Рио Тинто да формира постојано советодавно тело составено од претставници на граѓанското општество, рече Брантнер, која во Министерството за економија и клима се занимава со прашања за суровини.

Таа рече дека во Србија „локалното население и опозицијата со право бараат државните институции да применуваат стандарди во областа на екологијата“, а дека „истовремено е добро што европските резерви се експлоатираат и преработуваат на европски начин“.

Прочитајте и:  Полска против исклучувањето на Унгарија од Шенген поради визите за Русите и Белорусите

– На овој начин се спречува зголеменото влијание на Кина врз важните европски ресурси, рече Брантнер, додавајќи дека се сомнева оти демократијата, животната средина и локалното население ќе поминат подобро со српско-кинеско партнерство.

Брантнер оцени дека тоа е и можност да му се покаже на целиот свет дека германските и европските компании можат да направат разлика и дека експлоатацијата и преработката на суровините може да биде многу поприфатлива за животната средина отколку што беше досега.

Брантнер го придружуваше германскиот канцелар Олаф Шолц, кој беше во Белград на 19 јули, кога беше потпишан Меморандумот за стратешко партнерство меѓу ЕУ и Србија во областа на одржливите суровини. Тогаш таа се сретна и со претставници на опозицијата и граѓанското општество кои се против проектот за ископ на литиум во долината на реката Јадар, кај Лозница.

- Реклама -