Левица: Нема да учествуваме во шверцувањето на нови пратеници

„Денес, во Собранието на Република Македонија, владејачката коалиција на СДС+ДУИ, на очиглед на јавноста, прави противделовнички обид за верификација на мандатот на нови пратеници – спротивно на чл. 17 од Деловникот!“, реагираат од Левица.

Како што се појаснува во соопштението, според овој член, за да има верификација на нови мандати мора кумулативно да постојат два акта: 1. Извештај од ДИК; и 2. Предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања (која не постои, односно сè уште не е основана)!?

„Оваа ‘дива’ верификација која се случува во теков на денешниов ден се врши без вториот потребен документ, а врз основа на т.н. ‘Извештај’ од непостоечката Верификациона комисија на чело со Јагода Шахпаска, која има истечен мандат, односно престана да постои по истекот на Конститутивната седница!

Бидејќи и покрај процедуралното укажување од страна на нашиот пратеник Димитар Апасиев – дека е правно невозможно без Комисија и без предлог да се продолжи со верификацијата – парламентарното мнозинство продолжи со овој илегален начин на работа, пратениците на Левица нема да учествуваат на фингираните седници на кои ќе бидат ставени на дневен ред овие мандати“, соопштија од партијата, потсетувајќи на членот 17 од Деловникот:

Прочитајте и:  Левица: Премиерот Мицкоски и министерот Тошковски го изгубија судскиот спор со Левица

Денеска цел ден Собранието паузира и се состанува само за верификации на нови пратеници, бидејќи еден по еден даваат оставки (кој заради судир на интереси, кој зашто бил мандатар) наместо сите да го направат тоа одеднаш и ДИК во еден наврат да даде лиценца за новите пратеници кои ќе  дојдат на нивно место. Собранискиот спикер Талат Џафери ја прекинува седницата за ДИК да даде уверение за секој пратеник посебно, така што тоа се очекува да продолжи и во текот на денот.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ – Јован Митревски, овој начин е избран поради однесувањето на опозицијата, пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“. Опозицијата, меѓутоа, реагираше на таквата бавна и, според нив, спротивна на Деловникот процедура (повеќе ТУКА).

- Реклама -