СДСМ: Силјановска направи опасен преседан во Собранието

„Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ – Гордана Сиљановска, денеска во Собранието направи скандалозен преседен во историјата на македонската демократија, чин директно спротивен на демократската волја на граѓаните“, обвинуваат од СДСМ откако Силјановска гласала против верификацијата на мандатот на пратеникот Бедри Фазлиу од ДУИ, кој дојде на местото на Фљорин Бесими откако тој си поднесе оставка затоа што Антикорупциската комисија реагираше за судир на интереси бидејќи неговиот брат Фатмир Бесими ќе биде предложен за министер за финансии.

„Неодговорно, антидржавно и крајно опасно е пратеник во Собранието да гласа против верификација на мандат освоен на фер и демократски избори и потврден од Државната изборна комисија, при тоа очајно правдајќи се дека се збунила“, критикуваат од СДСМ, оценувајќи го потегот како несериозен и аматерски однос кон Собранието, пратениците и граѓаните.

„Дали Сиљановска гласаше против само затоа што во парламентот треба да влезе граѓанин Албанец или свесно отиде против волјата на граѓаните изразена на фер, слободни и демократски избори?“, прашуваат од СДСМ во партиското соопштение.

На ова реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека Силјановска гласала против процедурата, а не против мандатот на конкретниот пратеник:

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

„СДСМ повторно лаже и ја манипулира јавноста додека на јавна сцена во Собрание ги крши законите и спротивно на Деловникот верификува мандати.

Денеска СДСМ верификува мандати спротивно на Деловникот за работа на собранието и неговиот член 17, кој јасно вели дека пратениците кои ќе станат пратеници од листата на кандидати во остатокот од мандатот Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, а не по предлог на верификационата комисија, како што тоа денес го прави.

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова не гласаше против верификацијата на мандатот на пратеникот Бедри Фазлиу, туку против процедурата по која СДСМ тоа го прави.

СДСМ и овој мандат го почна со кршење на постапките и законските решенија. Насилно и за гола власт ја уништија правната држава“, велат од опозицијата.

- Реклама -