Левица е против етничка, но е за позитивна социјална дискриминација при вработувањата

„Продолжуваат манипулативните политики од криминалната коалиција предводена од СДС и ДУИ со најавите од првиот заменик-премиер Артан Груби, за воведување на субвенции за фирми кои што ќе фаворизираат граѓани од определени помали етнички заедници при вработувањата.

Оваа мерка е крајно несериозна и евтин медиумски трик со кој што оваа коалиција се обидува да добие што е можно поголем број на поддржувачи и идни гласачи од етничкиот албански електорат, иако е јасно дека мерката е дискриминирачка во однос на другите етнички заедници“, порачуваат од Левица.

Од партијата истакнуваат дека нивните заложби се во насока да се напуштат позитивните етнички дискриминации при кои се создава фаворизирање на одредена група на граѓаните поради нивната етничка припадност. Наместо тоа, велат, потребна е позитивна социјална дискриминација:

„За градење просперитетна држава, императив мора да е квалитетот, искуството и степенот на образование на кандидатите за вработување – соодветен кадар на соодветно место и потребно е да се воведе ПОЗИТИВНА СОЦИЈАЛНА ДИСКРИМИНАЦИЈА, која што е далеку поправична за сите граѓани на Република Македонија!

Преку воведувањето на позитивна социјална дискриминација првенство при вработувањата ќе имаат самохраните родители, децата без родители, лицата од социјално загрозени семејства и сите останати слични на нив кои што водат егзистенцијални битки секојдневно поради класната нееднаквост во нашево општество. Со ова ќе воведеме правично распределување на работните места и ќе помогнеме сите граѓани, независно од нивниот етникум, да имаат еднакви и правични шанси за достоинствен живот“, велат од Левица.

Премиерот Зоран Заев, инаку, денеска го демантираше својот прв заменик Артан Груби, и истакна дека субвенции за вработувања ќе има подеднакво за сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.

Тој потсети/потврди дека во владината програма точно е прецизирано дека Владата „ќе го поттикне и ќе соработува со бизнис секторот за да се поддржат добрите меѓуетнички односи и меѓусебната доверба“, а целта е, меѓу другото, да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага земјата.

„Тоа е особено важно за да зборуваме за промена на свеста кај секој од нас и отфрлање предрасуди од кој било тип, со цел секој еден квалитетен кадар да биде соодветно ангажиран, за да дадеме максимум придонеси во нашето општество“, рече Заев.

Од друга страна, субвенциите за вработувања на Албанци, односно припадници на немакедонските етнички заедници, во име на „правична застапеност“, беа дел и од предизборните ветувања на ДУИ. Груби, пак, е категоричен дека етничкиот клуч при вработувањата е многу важен.

- Реклама -