„Субвенционирање на приватни компании за вработување по етнички клуч е апсолутно неприфатливо“, коментираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ по синоќешната најава на првиот вицепремиер Артан Груби во дебата на „ТВ21“ дека Владата ќе дели субвенции за приватните компании кои ќе вработат Албанци или припадници на другите помали етнички заедници и ќе ја запазат „правичната застапеност“.
„Компаниите не треба да се делат по тоа кого вработуваат. Наместо политика на апартхејд, нека почнат да водат европски политики. Нека ги тргнат главите од тендери и пари, и нека гледаат да сработат барем нешто за граѓаните на Македонија“, порача портпаролот на партијата – Наум Стоилковски.
На изјавата на Груби, кој е и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, реагираа и од Владата:
„Владата ги помага и ќе ги помага компаниите за вработување на сите невработени граѓани, преку еднаков пристап, без разлика на припадноста“, велат тие.
Првиот вицепремиер, меѓутоа, не се согласува. Во изјава за медиумите, Груби ја дообјасни вчерашната најава и порача дека етничкиот клуч при вработувањата е многу важен бидејќи, како што рече, така наложувале и Охридскиот рамковен договор и уставното начело за правична застапеност на сите заедници во земјава, а притоа, според него, застапеноста на другите етнички заедници во приватните компании е многу мала.
Според Груби, субвенционирањето на овие вработувања нема да претставува дискриминација, ниту ќе значи помал квалитет на вработените кадри:
„Тоа не значи дека ќе биде помал квалитетот на луѓето кои ќе ги добијат работните места. Која било личност која ќе аплицира за тоа работно место ќе треба да ги исполнува сите критериуми за да ги извршува работните задачи. Тоа не е дискриминирачки, туку напротив е правична застапеност на сите заедници според уставното начело кое го имаме и не треба да се гледа тоа како унапредување само на Албанците или само на Македонците, туку важи за Срби, Роми, Власи, Бошњаци, Турци и за сите други заедници, секако ако ги исполнуваат условите за работното место за кое тие би аплицирале“.
Груби потсети и дека оваа идеја ДУИ ја претставила уште во текот на кампањата, како и дека поддршката на бизнис секторот во насока на добрите меѓуетнички односи и застапеноста е наведена во Програмата на Владата која беше усвоена од Собранието. Сепак, потенцираше дека сѐ уште се работи само за идеја и деталите околу реализацијата не биле разгледувани:
„Сѐ уште не сме размислувале за мерките. Вчера за време на дебатата беа разгледувани различни идеи на кој начин би можело да се помогне правичната застапеност на сите заедници и во приватните компании, посебно во тие каде и државата има удел – дали по критериумите на распределба на работата, дали преку субвенционирање. Сепак останува да се види која е најдобра можна опција за да имаме и правично и адекватно застапување на сите заедници и во приватниот сектор“, рече Груби, додавајќи дека ако се договори и изнајде добар метод, тој би бил безболен и по буџетот, и по ефикасноста на компаниите.
На прашање од „САКАМДАКАЖАМ.мк“ дали Владата е сериозна во намерите да субвенционира вработувања во етнички клуч, од Кабинетот на премиерот Заев одговориле цитирајќи го токму делот од владината програма што го посочи и исто така го цитираше и Груби:
„Согласно програмата за работа на Владата во делот за еднакво општество, Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеноста и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“…
Според Груби, етничките вработувања би биле од полза и за странските компании, покрај од аспект на субвенциите, исто така и од практичен аспект, бидејќи вработувањето на припадници од другите етнички заедници би ја олеснило, од јазичен аспект, комуникацијата со граѓаните.