„Левица“ најави кривична пријава за Гаши поради Предлог-законот за бранители, спикерот ќе бара да заседава Комисијата за деловнички прашања

Од политичката партија „Левица“ најавија дека ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши бидејќи иако имал можност да ја свика седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, демографија и млади на која треба да се разгледа Предлог-законот за бранители, но дека тоа не го сторил.

Пратеникот од „Левица“ Сашко Јанчев од собраниската говорница во процедурална забелешка рече дека не може собраниска комисија да не разгледа Предлог-закон и дека Деловникот предвидува резервен заштитен механизам со кој претседателот на Собранието може да свика седница на собраниската Комисија.

Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека во однос на прашањето за свикување на седница на собраниската Комисија јавно го кажале својот став.

Предлог-законот за бранители, поднесен од пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, треба да биде разгледан во скратена постапка. Претседателката на Комисијата за труд и социјална политика Илире Даути од Европскиот фронт нема свикано седница на чиј дневен ред ќе се најде и овој закон, а претседателот на Собранието вчера изјави дека нема да свика седница посочувајќи дека ингеренциите се кај претседателката на Комисијата.

Гаши тврди дека не ги прекршува Деловникот за работа, а за да се решат сите недоречености најави дека ќе бара да се разгледаат на собраниската Комисија за деловнички прашања.

– Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања – тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник, вели Гаши.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади треба да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители.  Истакна и дека со „Вреди“ не разговарале за законот.

-Не сме разговарале на таа тема, многу јасно сме го соопштиле нашиот став во минатото. Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка, рече Мицкоски.

Министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата „Вреди“, пак вчера одговорајќи на новинарско прашање во врска со Законот за бранителите, рече дека сега не е моментот да се разговараат такви теми.

- Реклама -