Летово во Лондон голем светски музички концерт за помош на Украина и „притисок врз Путин“

За налето е најавен голем концерт во живо, посветен на Украина и жртвите од војната. Концертот е планиран за 24 јуни на „Вембли“ стадионот во Лондон, Велика Британија, како поддршка на украинскиот народ, а и „за да се изврши дополнителен притисок“ врз рускиот претседател Владимир Путин, пишува „Сан“ (The Sun).

„Ова ќе биде нешто големо. Ќе настапат најдобрите музичари популарни низ целиот свет. Тоа е нешто што луѓево сакаат да го направат веќе некое време, но сега ги одредивме времето и местото. Веќе ги поканивме најголемите музички ѕвезди, но свесни сме дека поради густиот распоред и со така ненадеен повик, можеби нема сите да дојдат“, изјави неименуван извор за таблоидот.

Меѓу поканетите се „Ролинг стоунс“, „Ју-ту“, Адел, Пол Макартни, Пинк, Ноел Галагер, „Флоренс енд д’Машин“ и многу други пејачи и групи.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

„Ние сме оптимисти за овој концерт, бидејќи многумина веќе се согласија да настапат. Ова ќе биде одлична можност за бендовите кои се политички активни и се залагаат против војната – како ‘U2’, дополнително да ја истакнат состојбата во Украина. Така, концертот секако може да изврши дополнителен притисок врз Русите и Путин“, додава изворот.

Сепак, според The Sun, можен проблем и пречка може да биде ако настанот се поклопи со Фестивалот во Гластонбери.

Добротворниот концерт, инаку, е замислен како оној во 1985 година, кога се собираа пари за жртвите од глад во Етиопија.

МИА

- Реклама -