Лет од Скопје со 24 позитивни патници ја исплаши Финска, земјата воведува задолжителни тестови и карантин

Финска ќе воведе задолжителни коронавирус тестови и карантини за патниците од високоризичните земји, најави вчера надлежниот министер, откако 24 од 157 патници на лет од Скопје биле позитивни на коронавирусот, пренесува Ројтерс.

Доброволното тестирање било организирано на аеродромот Турку во саботата, за сите патници што пристигнале на лет од Скопје. Причината за тестирањето било тоа што финските власти утврдиле дека летовите од Македонија и Букурешт во Романија се два главни извори на новите случаи на Ковид-19 во Финска, соопшти министерката Криста Киуру, додавајќи дека епидемијата доаѓа од Балканот.

Двонеделен карантин и можен коронавирус-тест по случаен избор при пристигнување во земјата ќе важи за сите што пристигнуваат од земји со повеќе од 8 до 10 нови случаи на Ковид-19 на 100.000 жители во период од последните 14 дена, најавија финските власти.

Минатата недела, Финска имаше просек од 2.3 нови случаи на Ковид-19 на 100.000 жители во период од 7 дена. Досега во земјата се регистрирани 7.601 случаи на коронавирус и 333 починати.

Според министерката, авиокомпаниите ќе бидат должни да ги известат патниците дека можат да подлежат на задолжително тестирање по пристигнување во земјата.

Непочитувањето на двонеделниот карантин ќе биде санкционирано со до три месеци затвор или казна, додаде таа.

- Реклама -