Ленин: Се повлекуваат автобусите од блокадите, ќе се даде простор на дијалогот

Протестите прекинуваат и по прес-конференцијата автобусите ќе бидат повлечени од блокадите, а ќе му се даде простор на дијалогот што го предложи премиерот Димитар Ковачевски, информираше попладнево во изјава за медиумите Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.

Ленин соопшти дека по прес-конференцијата ќе изготват ново барање кое, како што рече, ќе биде во контекст на она што го рече премиерот и ќе ги исполни сите негови сугестии. Тој очекува да бидат повикани на средба со премиерот.

„Предложивме она што го кажа премиерот да се испочитува. Денеска по овој прес сите автобуси што се на улица да се повлечат, за да му се овозможи простор на дијалогот што тој го предлага и што за нас е основа за средба на која што како што и самиот спомена ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целава оваа состојба од која што и нему и на пошироката јавност после тие средби се надеваме дека како авторитети од висока институција ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста за таа да не се стави во заблуда“, изјави Јовановски.

Тој рече дека се прифаќа идејата тие како претставници на приватните превозници што располагаат со таа документација, да ја презентираат на таа средба.

„Прифаќаме и инститираме на таа средба да има претставници и од Градот Скопје, но и од ЈСП каде пред него ќе ги соочиме аргументите со кои што располагаат сите три страни, за јавноста да биде посоодветна запознаена. Во целост прифаќаме се што премиерот Ковачевски го кажа, бидејќи вистината е на наша страна и сметаме дека доколку постои таква институционална можност преку отворање на овој дијалог кој мора да биде интензивен и што побргу да се реши“, рече Ленин.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Ковачевски денеска изјави дека ќе го прифати барањето на приватните автобуски превозници од Скопје за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и откако тие ќе ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.

„Можам да кажам ‘да’, јас сум човек којшто ќе се сретне со сите со коишто треба, меѓутоа не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје, чија што сопственост се тие улици, за да може градот да функционира. Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Градот Скопје. Зашто? Бидејќи мора да се види со нив, затоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје. И трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат во предвид“, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата посветена на буџетот на МТСП за 2023 година.

Тој додаде дека кога ќе се исполнат условите за дијалог без притисок, базиран на факти и со вклученост на сите коишто се надлежни да го решат проблемот, тогаш може и да има средба со приватните автобуски превозници.

Инаку, премиерот потенцираше дека е против одземање на ингеренциите на Град Скопје, бидејќи тоа би значело враќање на процесот на децентрализација.

Вчера приватните превозници побараа разговор со Ковачевски, а во спротивно се заканија дека можно е да ги радикализираат протестите.

Извор: МИА

- Реклама -