Овој фустан го носи името – „Happy Birthday, Mr. President“ – и неговата приказна која што е подеднакво романтична и трагична, го претворила во легенда.
Во 1961 година и понудиле на Мерилин Монро да пее за претседателот Кенеди на прославата по повод неговиот роденден во Медисон Сквер Гарден. Таа се согласила и почнала да ја подготвува својата изведба. Секако, Мерилин не се потпирала на пејачките вештини.
Таа побарала од познатиот тогашен дизајнер Жан Луи да и направи фустан, каков што никој дотогаш немал и каков што само таа би можела да го облече. Дизајнерот забележал дека Мерилин умее до совршенство да владее со своето тело, да се движи примамливо и нејзината најголема сила била нејзината грациозност. Затоа Жан Луи решил да направи фустан кој ќе го открива максимално нејзиното тело.
Специјално за укажаната прилика од Франција била порачана што е можно помека ткаенина, како пајажина. Врз фустанот биле зашиени над 6000 блескави стаклени монистри. За оваа облека Мерилин платила 12 000 долари , што било вртоглава сума во тоа време.
Се разбира, организаторите на концертот ги проверувале сите учесници и побарале од Мерилин да ја покаже облеката во која што ќе пее. Таа испратила фотографија на обичен вечерен, црн фустан.
На 19 мај 1962 година Мерилин Монро се појавила на концертот за роденденот на претседателот покриена со крзнено палто што ја открило тајната на сцената. Самата таа раскажала дека целата сала вчудовидено започнала да шепоти – луѓето помислиле дека е гола. Тоа не било далеку од вистината, бидејќи Мерлин не носела долна облека, уште еден неприфатлив момент за тоа време.
Останатото е легенда. Претседателот лично отишол зад сцената да и се заблагодари на Мерилин, а само неколку месеци подоцна ја пронашле мртва во нејзиниот дом …
Пред неколку години фустанот на Мерлин Монро бил продаден на аукција за 1,3 милиони долари, но се тврди дека неговата цена е веќе барем двојна. Или цената на легендата зад него.