Русија не планира да нападне други земји, како што не ја нападнала ниту Украина, изјави денеска рускиот шеф на дипломатијата – Сергеј Лавров, по состанокот со украинскиот колега – Дмитро Кулеба, во Анталија.
„Го потврдивме и тоа со барање од руска страна, да се отворат хуманитарни коридори, а самите причини и моменти кога се отвораат тие коридори се темелат врз состојбата на теренот и анализа на ситуацијата. Треба да се изберат најефикасните рути за да се извлечат цивилите од градовите“, тврди Лавров.
Во последниот извештај, посочи Лавров, се гледа дека „операцијата се одвива според планот“.
„Морам да ги спомнам проценките за напредокот на воената операција, што ги радува портпаролот на нашето Министерство за одбрана и претседателот, тие велат дека операцијата се одвива според планот“, појасни тој.
На новинарско прашање дали Русија ќе нападне некоја друга земја освен Украина, Лавров одговори „не планираме да нападнеме други земји, не ја нападнавме ниту Украина“.
„Објаснивме неколку пати, се создаде ситуација во Украина што претставува директна безбедносна закана за Руската Федерација. И покрај тоа што со години молевме, нас никогаш не нè сослушаа и тоа претседателот Путин многу пати го кажа. Откривме некои нови факти – во Доњецк и во Луганск, териториите што ги ослободивме, се планирал напад на овие две народни републики и тоа овој месец“, тврди Лавров.
Меѓу другото, Лавров изјави дека Украина „продолжи да биде слуга на западните експерименти“.
90-минутната средба на Лавров и Кулеба, инаку, заврши без постигнат договор за хуманитарни коридори или прекин на огнот.
Кулеба рече дека ја покренал можноста за воспоставување хуманитарен коридор за да им се овозможи на цивилите да избегаат од опколениот град Мариупол, но „за жал министерот Лавров не бил во позиција да се посвети на тоа“.
На прес-конференцијата по состанокот што траеше час и половина, Кулеба рече дека 24-часовен прекин на огнот, исто така бил покренат со цел „да се решат најитните хуманитарни прашања“, но тој рече дека тие „не постигнале напредок“ по ова прашање „бидејќи се чини дека постојат други носители на одлуки за ова прашање во Русија“.
Кулеба рече дека се согласиле да продолжат со напорите „да бараат решение за хуманитарните прашања на терен“ и додаде дека е подготвен повторно да се сретне „во овој формат доколку има изгледи за суштинска дискусија и барање решенија“.
Русија е подготвена да ги продолжи разговорите со Украина во рамките на постоечкиот формат во Белорусија, изјави министерот за надворешни работи Сергеј Лавров по преговорите со неговиот украински колега.
„Денешниот состанок потврди дека руско-украинскиот формат во Белорусија нема алтернатива“, рече Лавров на прес-конференција по разговорот со Украинецот Дмитро Кулеба во Анталија.
Турскиот министер за надворешни работи – Мевлут Чавушоглу, пак, изјави дека средбата се одржала на „цивилизиран начин“ и покрај сите проблеми, а најважниот исход од разговорите, оцени тој, е воспоставувањето контакт.
Чавушоглу посочи дека од една средба не треба да се очекуваат чуда.
„Важно е што средбата се одржа на политичко ниво. Состанокот беше комплексен, но се одржа на цивилизиран начин, страните не го кренаа гласот, нивото на тензија не се зголеми за време на преговорите“, рече тој.
Во однос на конфликтот во Украина, шефот на турската дипломатија посочи дека Турција сака дипломатско решение, констатирајќи дека во конфликт од ваков размер не може да има победник. Чавушоглу исто така потенцираше дека има потреба од воспоставување хуманитарен коридор од Мариупол, како и одржлив прекин на огнот.