Ласери би можеле наскоро да ги заменат свеќичките во автомобилите за да ги направат моторите поеколошки. Експерти од Романија и Јапонија ќе ги откријат своите наоди – дека евтини ласери би можеле да ја запалат мешавината од гориво и воздух во цилиндрите – на Конференцијата за Ласери и Електро-Оптика следниот месец во Балтимор.
Тимот, кои се во преговори со производителите на свеќички, ќе зборуваат за своите студии на први мај, и очекуваат дека нивниот дизајн ќе ја подобри ефикасноста на автомобилските мотори. Овој револуционерен пристап би можел, во теорија, да го намали загадувањето преку палење на поголем процент од мешавината.
Свеќичките ја палат мешавината која се наоѓа непосредно до свеќичката, со што се намалува ефикасноста на согорувањето. Една од најголемите мани на свеќичките е што металот од кој се создадени полека еродира со текот на времето. Многу други луѓе се имаат обидено да најдат замена за свеќичката – предмет кој речиси воопшто се нема променето од денот кога бил измислен пред речиси век и половина.
Но до сега сите обиди за употребување на ласери биле неуспешни бидејќи потребните ласери се големи, неефикасни и нестабилни. Сега научниците веруваат дека развиле систем кој може да фокусира два или дури и три ласерски зраци на различни длабочини во цилиндрите. Овој систем би ја зголемил ефикасноста на согорување и би го заобиколил проблемот со ерозија.
Една од маните на системот е потребата за ласери со висока пулс енергија – бидејќи е потребно големо количество енергија за да се запали гориво. Такунори Таира од Националниот Институт за Природни Науки во Оказаки, Јапонија, за ВВС изјавил: „Во минатото ласерите кои ги исполнуваа овие побарувања беа ограничени на основно истражување бидејќи беа големи, неефикасни и нестабилни. Не ќе можеше ни да бидат лоцирани подалеку од цилиндрите бидејќи нивните зраци би ги уништиле оптичките влакна кои би ја носеле светлината до цилиндрите.“
Тимот исто така се обидува да ги направи ласерите од керамички прашоци кои би биле пресувани во цилиндри со слична големина како свеќичките. Керамичките направи се ласери кои собираат енергија од компактни ласери со помала моќност. Научниците откриле дека за разлика од деликатните кристали кои се користат во ласери со голема моќност, керамиката е посилна и би можела да ги издржи повисоките температури во мотороти. [Lasers could replace spark plugs to make engines greener]