Како најбрзо да изладите пијалаци

Времето е неподносливо жешко. Вам ви доаѓаат гости, а сте немале време да ги ставите пијалаците во фрижидер. Како ќе ги изладите на време?

Фрижидер

Доколку ги ставите во фрижидер, во зависност од тоа дали е во обичниот дел или комората за замрзнување, како и од температурата на која е подесен фрижидерот, процесот на ладење до посакуваната температура ќе трае од 45 минути до 2 часа.

Замрзнувач

За да го забрзате процесот на ладење во комората за замрзнување, искористете го следниов трик – земете хартиена крпа, намокрете ја и со неа завиткајте го пијалакот. Ова ќе го намали времето на ладење на 20 минути, бидејќи како што водата испарува, ја влече топлината со себе и пијалакот се лади. Но, 20 минути сепак е предолго…

Ледена вода

Во длабок сад наполнете вода до половина, а остатокот исполнете го со коцки мраз. Принципот е едноставен – водата е многу подобар спроводник на топлина од воздухот и поради тоа побргу ќе ги излади пијалаците. Потребни ќе бидат приближно 8 минути за од собна температура да се симнат до 10 степени. Но, и оваа температура не е  оптимална за освежување.

Солена вода

На истиот рецепт од погоре, во водата со мраз додадете сол. Солената вода има пониска температура на мрзнење од обичната (затоа се фрла сол на патиштата во зима), а кога во водата ќе додадете доволна количина сол, за брзо време се намалува температурата на растворот. За 8 до 10 минути, температурата на вашите пијалаци ќе се симне на 4 до 6 степени – соврешно за спасување на ситуацијата.

- Реклама -