„Илјадници граѓани масовно, гордо и достоинствено, во Крушево го чествуваа големиот национален празник 2ри Август – Денот на Републиката. На достоен начин беше оддадена чест и признание на славните предци од Илинденското востание и од народно ослободителната борба“, изјави денеска портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска, на прес-конференција на која ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ја партизирала прославата на Илинден.
„И оваа, како и години претходно, ВМРО-ДПМНЕ на најголемиот државен празник продолжи со недостоинствено, неодговорно и антидржавно однесување. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Александар Николоски, свесно доцнеше на предвидената агенда, за потоа да ја напуштат манифестацијата пред интонирањето на државната химна. Тоа е нечесно, неодговорно и срамно однесување.
ВМРО-ДПМНЕ на Мечкин камен свесно го сквернавеше Денот на републиката, државниот празник го злоупотребуваше во дневно партиски цели. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ погази по идеалите на Крушевскиот манифест, ги погази жртвите од Илинденското востание, дадени за слободна држава“, обвини Кузеска.
Според СДСМ, истото го направил и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, кој, како што велат, „наместо да се појави на некоја од најважните локации, тој Илинден го чествуваше приватно, осамен и опкружен единствено со едвај стотина негови поддржувачи“.
„Мицкоски му кажа НЕ и на Илинден и и на таков свечен ден не пропушти прилика да сее омраза и поделби меѓу граѓаните. Само политички деструктивци, какви што се Мицкоски и Николоски, без основно чувство за државност, вака се однесуваат на најголем национален и државен празник. Уште еднаш се докажа дека Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ немаат ни малку државничко однесување, дека нивната единствена агенда се деструкциите, блокадите и дејствување на штета на државните и националните интереси“, обвини Кузеска.
Претходно, пак, ВМРО-ДПМНЕ ја обвини токму власта и владејачката СДСМ дека го претворила одбележувањето во партиски настан, меѓу другото и со тоа што спречила пристап до Мечкин Камен за граѓаните кои не се согласуваат со нивните политики.