Кузеска: Мицкоски да поднесе оставка и да се извини за лагите, а народот да биде спокоен – стабилноста на земјата е обезбедена

„Демаскирана е уште една голема лага на Христијан Мицкоски. Се покажа дека со измами и со манипулации не може да се дојде до парламентарно мнозинство“, истакна денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска.

„Соочен со пораз на неговите невистини, Мицкоски треба да излезе пред граѓаните, да се извини и да поднесе оставка“, порача таа.

Според СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со денови го лажел народот дека има ново мнозинство и 61 глас за недоверба на Владата, а „за пуста власт“ по секоја цена седнал на маса со оние кои се против НАТО, против ЕУ, против Преспа, против добрососедските односи и против Рамковниот договор. „Без било какви приниципи посакуваше дестабилизација, криза, враќање назад, рушење на постигнатото во однос на стратешките интереси на земјата“ – додаде Кузеска.

Од владејачката партија обвинуваат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со невистини за наводното киднапирање на пратеникот Кастриот Реџепи и тоа, според нив, е уште причина Мицкоски да поднесе оставка.

Прочитајте и:  Нашата желба и визија како две влади е да ја растуриме маглата од минатото и да гледаме јасно во иднината, порача Мицкоски од Приштина

„Наместо да се засрами, да се извини, да понесе одговорност, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со невистини за наводно киднапирање на пратеник. Во време кога истиот тој пратеник јавно објави дека бил под закани токму од опозицијата. Оние кои со меници држеа пратеници денеска полна им е устата со невистини.

Затоа оставка. Срам е да не се извиниш за сите лаги и да не поднесеш оставка“, порача Кузеска.

Таа истакна дека се потврдиле тврдењата на СДСМ – дека мнозинството пратеници се, како што рече, за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност.

„Заедно со сите демократски сили и пратеници ќе обезбедиме продолжување на напредокот на земјата. Деструктивните антизападни сили се поразени. Не успеаа да ја дестабилизираат земјата, да ја загрозат демократијата, слободата, меѓуетничките односи. Стабилноста на земјата е обезбедена. Народот може да биде спокоен“, порачаа Кузеска и СДСМ.

- Реклама -