Курти: Пред 25 години згаснаа надежите на српската политика за празнење на Косово од Албанците

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека пред 25 години, кога военото раководство на Србија и тогашна СР Југославија во Куманово потпишаа капитулација по 78-дневното бомбардирањето на НАТО, згаснаа надежите на српската политика да го испразни Косово од Албанците, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање на научната конференција по повод 25-годишнината од интервенцијата на НАТО и ослободувањето на Косово, со наслов „Четврт век државотворност, предизвици и достигнувања – мултидисциплинарен пристап“, Курти рече дека во тоа време народот на Косово ги доживуваше деновите на крајот на војната и првите денови на слободата.

– Пред четврт век на денешен ден, на 10 јуни 1999 година, НАТО ја заврши воздушната кампања против Југославија по 78 дена бомбардирање. Во Њујорк, Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвои резолуцијата 1244, со која се овозможи распоредување на воени и цивилни сили на Косово… Со ова, згаснаа надежите на државната политика на Србија дека нивниот план за геноцид, „операција потковица“, ќе има барем делумен успех во испразнувањето на Косово од Албанците, изјави Курти.

Тој нагласи дека истиот ден, наспроти стравувањата на меѓународната заедница, започна и враќањето на стотиците илјади граѓани на Косово кои беа протерани од нивните огништа од српските воени, полициски и паравоени сили.

– Истиот ден УНХЦР објави дека во текот на целата војна во Косово од земјата биле протерани 862.979 бегалци и дека следен предизвик е организирањето на нивното враќање. Наредните денови покажаа дека овој предизвик воопшто не е како што мислеа претставниците на УНХЦР, бидејќи на 3 август оваа организација објави дека 90 отсто од бегалците се вратиле во Косово на спонтан и самоорганизиран начин, иако најдоа 120 илјади од нивните куќи уништени или изгорени. Со ова згаснаа и надежите на државната политика на Србија, рече Курти.

Прочитајте и:  Коњуфца: ЕУ има дискриминирачки однос кон Косово, го третира како „не-држава“

Поранешниот претседател на Косово, Фатмир Сејдиу, обраќајќи се на конференцијата, рече дека ваквите годишнини нудат можност да се размислува за процесите и одлуките што ја обликуваа државата.

– Пред 25 години, токму на 12 јуни 1999 година, Косово излезе од урнатините на конфликтот и угнетувањето, отворајќи нова страница, излегувајќи во светлината на слободата и почитта. Додека сме овде заедно на оваа конференција посветена на 25-годишнината од ослободувањето на Косово, од суштинско значење е да размислиме за патувањето што не донесе до овој историски момент, рече Сејдиу.

Поранешниот претседател на Албанија, Алфред Мојсиу во оваа прилика му посака на Косово да има „уште посветли денови во иднина“.

– Посакувам Албанците од Западен Балкан да имаат меѓусебно разбирање и да размислуваат повеќе за иднината, без да го заборават минатото, нагласи Мојсиу.

Претседателот на Академијата на науките и уметностите на Косово, Мехмет Краја изјави дека „никој не спори дека војната за Косово направи суштинска промена во начинот на кој се замислува слободата на народот, демократијата и самоуправата“.

– Ова верување го поколеба еден чуден факт, ослободувањето на Косово се случи на денот на Призренската лига. Реков дека не верувам во случајности, но верувам во факт длабоко вграден во мојата свест дека изминатите два века ја направија нашата нација и нашите држави. Призренската лига ја направи албанската нација, 20 век ги направи нашите две држави, а 21 век уште не го кажал последниот збор за нас, рече Краја.

Активностите за одбележување на 25-годишнината од ослободувањето на Косово започнаа на 8 јуни и ќе траат до 21 јуни. Во тие рамки, на 12 јуни ќе се одржи свечена седница во Собранието на Косово, како и парада на Косовските безбедносни сили.

- Реклама -