По неуспешните преговори во Брисел, а на барање на САД, Косово сепак го одложи спроведувањето на одлуката за казнување на оние кои не ги пререгистрираа возилата од српски на косовски таблички за следните 48 часа. Во меѓувреме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараше со претставниците на Србите од Косово од кои побара да се зачува мирот и стабилноста.
Како што јави дописиникот на МИА од Белград, претседателот на Српската листа – Горан Ракиќ, по средбата со Вучиќ изјави дека „Србите не можат да го толерираат теророт на Приштина и најави протести во сите институции“.
Тој на прес-конференција посочи дека во Брисел не е постигнат договор, за што е одговорна Приштина, што може да се слушне и од меѓународните претставници.
„Сите кои повикуваат на воздржаност денеска знаат која е деструктивната страна“, рече Ракиќ, објави Косово онлајн.
„Ние сакаме само мир. Никому не му одговара кога зборуваме за ЗСО. Бараме само да се спроведат потпишаните договори. Сакаме да живееме мирно, да бидеме свои на свое и да останеме на нашите вековни огништата Три капки ја прелија чашата: Отказот на Ненад Ѓуриќ, одлуката за укинување на српските регистарски таблички и тоа што ЗСО сѐ уште не е формирана“, рече Ракиќ.
Тој додаде дека Србите не сакаат да го трпат теророт на Приштина.
„Немаме каде да одиме и се надевам дека нема да мора да се браниме. Луѓето повеќе не можат да ја толерираат тортурата на Приштина. Ќе имаме протести во училиштата, здравствените домови и во сите други институции. Луѓето се прашуваат зошто ние треба да плаќаме харач и зулум. Не му го плаќавме на Турците, ниту па на Курти“, порача Ракиќ.
Премиерката Ана Брнабиќ изјави денеска дека само мирот и стабилноста можат да донесат просперитет на целиот Балкан и оти вчера на средбата во Брисел со претставниците на Приштина, Србија покажала колку е посветена на зачувување на мирот во регионот.
„Единствено што сакаме и единствено што сакаат Србите од Косово е спроведување на постоечките договори и ништо повеќе, и ништо помалку. На крајот на краиштата, кога зборуваме за владеење на правото, една од основните и врвни вредности на ЕУ, тогаш целосното почитување и спроведување на постигнатите договори е токму таа врвна вредност и показател за владеењето на правото. Токму тоа што го бараме“, изјави таа.
Амбасадорот Хил по средбата со Вучиќ истакна дека Вашингтон продолжува да ја поддржува ЕУ во нејзините напори за постигнување решенија на Косово и го повика Вучиќ, да продолжи со конструктивниот ангажман во бриселскиот процес.
„Конструктивниот пристап е секако начин да се најде решение“, рече Хил и нагласи дека САД и ЕУ дејствуваат заеднички во однос на Косово, додавајќи дека верува оти и двете страни разбираат дека мора да постигнат решение.
Политичкиот аналитичар Душан Јањиќ оцени дека верува оти меѓу Белград и Приштина ќе се постигне договор за пререгистрација, бидејќи, како што рече, српскиот претседател Александар Вучиќ се откажал од КМ табличките.
Јањиќ рече дека Вучиќ во Брисел предложил Србија во иднина да не издава регистарски таблички на косовските градови (KM, PE, PR, PZ, DJ, GL, UR), но дека премиерот на Косово побарал гаранции од ЕУ и САД дека ќе се почитува одлуката и дека ќе биде дел од сеопфатниот договор меѓу Белград и Приштина.
Косовскиот премиер Албин Курти доцна синоќа објави дека го прифаќа барањето на амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер, за одлагање за 48 часа на почетокот на казнување на лицата кои не ги смениле регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово. Во објава на Твитер, Курти му се заблагодари на Ховениер „за неговата посветеност и залагањето“ во изнаоѓањето решение за споровите со Србија.
„Јас го прифаќам неговото барање за 48-часовно одлагање на почетокот на изрекување казни за нелегалните таблички со ознаките ‘КМ’ (Косовска Митровица) и други (издадени од Србија). Задоволство ми е да работам со САД и ЕУ за изнаоѓање решение во текот на наредните два дена“, порача косовскиот премиер.
Ховениер синоќа изрази загриженост поради неуспехот на вчерашните преговори во Брисел меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ и побара одлагање на спроведувањето на одлуката за 48 часа, со цел, како што соопшти, „да им овозможат на ЕУ и САД да продолжат да ги поттикнуваат страните да изнајдат решение“.
Извор: МИА