Курти го обвини Борел за тоа што не се постигна договор меѓу него и Вучиќ во Брисел

Косовскиот премиер, Албин Курти, по денешната средба во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека договор меѓу Приштина и Белград не е постигнат затоа што шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел се откажал од рокот од март 2023 година како конечен датум за нормализирање на косовско-српските односи.

Обраќајќи им се на новинарите по осумчасовната средба со Вучиќ, со посредство на Борел и на специјалниот пратеник на ЕУ за преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, Курти рече дека за неговата влада е неприфатлив предлогот што Борел го изнесе за решавање на актуелната криза со мерките за тие што нема да ги сменат српските со косовски регистерски таблички.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, по денешната средба изјави дека предложил Приштина да го одложи изрекувањето казни за непочитување на одлуката за промена на табличките, а Белград да престане со издавање таблички со српски ознаки за косовските Срби. Тој предлог, нагласи Борел, Вучиќ го прифатил, но Курти го одбил.

Во изјавата што ја пренесоа медиумите во Приштина, косовскиот премиер, пак, изразува жалење што ЕУ, како посредник, се откажала од претходниот предлог за нормализација на односите.

„Нормално дека за нас е неприфатлво ако тоа не е придружено со она поради кое бевме повикани тука, согласноста под итно да се заложиме за конечен договор за целосна нормализација на односите. Рокот беше март 2023. Значи, дојдовме тука во Брисел за да се договориме за нови чекори во правец на договор пред март 2023. Со жалење морам да кажам дека посредниците, во случајов Борел, се откажа од мартовскиот рок и од предлогот на ЕУ за нормализација на односите“, изјави Курти.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Тој нагласи дека е секогаш подготвен да отпатува за Брисел на разговори за „разни актуелни прашања“, како што е она за регистерските таблички, но изрази очекување дека „во центарот на преговорите треба да биде меѓусебното признавање“ на Косово и Србија.

„Јас сум спремен да дојдам тука, да остварувам средби, секогаш со истата структура и дневен ред – конечен договор со целосна нормализација на односите, во чиј центар е меѓусебното признавање, како и за разни актуелни прашања, како што се табличките. Меѓутоа, не може едното без другото, не можеме да бидеме неодговорни да не ги третираме актуелните прашања, но и не можеме да се претвориме во државни лидери кои се занимаваат само со прашања на табличките и не разговараат за нормализација на односите“, изјави Курти.

МИА

- Реклама -