Албанскиот премиер Еди Рама вечерва на вонредна прес-конференција соопшти дека е откажано одржувањето на утрешната заедничка седница на владите на Албанија и Косово, што требаше да се одржи во Ѓаковица, Косово.
На прес-конференцијата Рама изјави дека го информирал Курти „дека во услови на влошување на односите на Косово со целата евроатлантска заедница, оваа средба не може да се одржи во предвидениот формат“.
„Откако попладнето разговарав со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, го замолив Албин утре да се сретнеме во Ѓаковица во потесен формат, со министрите за надворешни работи и за одбрана да разговараме токму за оваа ситуација, која драматично го разделува Косово со евроатлантската заедница до незамислива точка, каде што таа го стави прстот, всушност, на копчето што ќе го активира планот за санкции против државата што самата ја создаде. За жал и со големо жалење морам да кажам дека со премиерот Курти немавме договор за промена на форматот, тој побара средбата да се одржи нормално и потоа да разговараме и за ова, но тоа не е можно, бидејќи не е момент да се создаде лажна слика за тоа што всушност се случува во реалноста на Косово денес“, истакна Рама.
Тој додаде дека се надева оти ќе се сретне со Курти.
„Се потрудив да побарам уште малку време, добив уште малку повеќе време, но ако не го искористиме ова време за здрав разум меѓу сите, тогаш многу се плашам дека планот, кој е план во реалноста многу тежок за Косово, ќе биде ставен во движење“, рече Рама.
Тој посочи дека односите со Косово се нормални и оти тој е во постојан контакт со Курти.
МИА