Курти демантира дека добил ултиматум од САД и ЕУ: Прво апсење на насилниците, па повлекување на специјалците и избори

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека не добил никаков ултиматум од меѓународната заедница во однос на ситуацијата во северно Косово и порача дека „работите не можат да се средат со притисоци и со споменување последици“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Изјавата на Курти, дадена во Митровица каде што присуствуваше на спортска манифестација, претставува одговор на најавата на специјалните пратеници на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, дека Косово ќе трпи последици доколку до крајот на денешниот ден не ги исполни барањата на меѓународната заедница за смирување на состојбата во северно Косово, каде што локалните Срби протестираат против градоначалниците Албанци во општините со мнозинско српско население.

Курти рече дека на средбата со Лајчак и Ескобар, одржана прексиноќа во Приштина, им понудил „сигурен начин за излез од кризата на косовскиот север“, а за проблемите во тој регион рече дека се „предизвикани од илегалните структури од Србија“.

„Не сум добил никаков ултиматум, ние се сретнавме со емисарите и јас им понудив сигурен начин за излез од кризата на косовскиот север предизвикана од илегалните структури од Србија. Прво е владеење на правото – имаме десетици војници на НАТО, косовски полицајци и новинари кои беа жртви на една невидена бруталност на насилните екстремисти“, изјави Курти.

За безредијата на протестите во општините со мнозинско српско население, Курти ги обвини „криминалците и насилните екстремисти кои се однесуваат како фашистичка полиција“, а кои се поддржани, според него, од властите во Србија.

„Сите тие… треба што поскоро да се соочат со правдата. Има меѓу нив такви кои се дојдени во Косово од Србија… Тие структури се раководени и финансирани од Белград и треба да се соочат со законот поради злосторствата што ги извршиле – од палењето возила, до ранувањата со огнено оружје, шок-бомби и рачни гранати“, рече Курти.

По отстранувањето на тие групи и откако ќе престанат насилните безредија, порача косовскиот премиер, ќе се изврши и намалување на бројот на полицајци во општинските објекти, по што „ќе може да се започнат подготовките за фер и демократски изборен процес за предвремени избори“ во општините во северно Косово.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Во однос на забелешките упатени до неговата влада во врска со напнатостите во северно Косово, Курти изрази уверување дека „ќе се разјаснат нејаснотиите“.

„Постојат предизвици со европските и американските емисари, но нашите билатерални односи со ЕУ и САД се одлични. Кога доаѓа американски и европски емисар како посредник, тогаш тука не е во прашање односот со Европа или Америка, туку е во прашање односот со Србија“, изјави Курти.

Тоа, според него, „не се исти работи“.

„Кога САД бараат нешто во рамки на билатералните односи, ние немаме ниедна дилема за да речеме ‘да’. Но кога американскиот емисар бара нешто што се однесува на односите со Србија, тогаш ние треба да размислиме добро и да бидеме внимателни, но секако секогаш да бидеме кооперативни, конструктивни и посветени“, рече Курти.

Лајчак и Ескобар, кои вчера и завчера престојуваа во Приштина, на Курти му ги изнесоа барањата за преземање конкретни мерки за смирување на состојбата во северно Косово. Во тој регион, населен со мнозинско српско население, веќе две недели локалните Срби протестираат против градоначалниците Албанци кои победија на вонредните локални избори во тамошните четири општини, одржани во април годинава, а кои Србите ги бојкотираа.

Европскиот и американскиот дипломат побараа од Курти, меѓу другото, повлекување на специјалните полициски единици и организирање вонредни локални избори во засегнатиот регион. Тие му дадоа рок за исполнување на барањата до крајот на денешниот ден, предупредувајќи дека во спротивно „ќе има последици“ за Косово.

Во меѓувреме, „Еуроњуз Албанија“ објави дека САД и ЕУ подготвуваат сериозни и тешки санкции за Косово во две фази, доколку Приштина не ги исполни нивните барања.

Извор: МИА

- Реклама -