Кремљ: Инвазијата ќе запре веднаш штом Украина ќе направи уставни измени и ќе ги прифати условите на Русија

Украина да престане со воената акција, да го промени нејзиниот устав за да гарантира неутралност, да го признае Крим како руска територија и да ја признае независноста на сепаратистичките републики Доњецк и Луганск, побара денеска Кремљ во пресрет на третата рунда преговори меѓу Русија и Украина која попладнево започна во Белорусија.

Како што изјави портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, доколку Украина ги исполни овие услови, Москва веднаш ќе ја запре инвазијата.

Според него, Украина е информирана за овие услови и за можноста веднаш да прекине војната доколку ги прифати.

Во однос на неутралноста, Песков рече дека гаранции се можни само со промена на Уставот на Украина и појасни дека Русија бара уставни амандмани со кои „Украина ќе отфрли приклучување кон било кој блок“.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Песков повторно тврди дека Русија не е заинтересирана за дополнителна украинска територија.

„При крај сме со демилитаризацијата на Украина. Ќе ја завршиме. Но, главната работа е Украина да ја прекине својата воена акција. Така и ние ќе ја прекинеме нашата воена акција и тогаш никој нема да пука. Разговаравме и за тоа дека треба да се признае дека Крим е руска територија и дека тие мора да признаат дека Доњецк и Луганск се независни држави. И тоа е тоа. Ќе престане за момент“, рече Песков.

- Реклама -