Ковачевски за обвинувањата за дезертерство: „Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик“

„ВМРО-ДПМНЕ не бира ниту средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека сѐ она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза“, пишува премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во реакцијата по објавувањето на документ од страна на ВМРО-ДПМНЕ кој, како што тврдат од опозицијата, докажува дека тој е или трајно неспособен или лажел за да не служи воен рок.

Ковачевски додава дека како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволи политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и дека културно ќе одговори на лагите и навредите.

„Никогаш ниту сум избегнувал, ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат“, порача Ковачевски.

„Ова е документот, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен“, посочи денеска на партиската прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Драган Ковачки, презентирајќи го документот.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Според него, од ваквото избегнување на отслужувањето на воениот рок од страна на Ковачевски произлегуваат два заклучока: Или тој, како што рече Ковачки, го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен.

Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, вели Ковачки, „ние за премиер на државата имаме трајно неспособен човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека може само да се влошува“.

Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш „ние на чело на државата имаме патолошки лажго“.

„Ако лажел да избегне служење војска правејќи се трајно неспособен, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што сѐ друго би лажел. Доколку пак Ковачевски навистина е трајно неспособен, не знаеме дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој е целосно функционален да ги извршува државничките задачи“, рече Ковачки, повикувајќи го Ковачевски да си даде оставка.

- Реклама -