Ковачевски за инцидентот со Пендиков и односите со Бугарија: „Ова не е натпревар меѓу Вардар и Пелистер или МЗТ и Работнички, ова е нашата иднина“

„Не оправдувам насилство од каков било тип и секогаш го осудувам и ќе го осудувам, исто како што ќе ја осудам и ќе се спротивставам на секоја провокација која доаѓа од внатре или од надвор, а која што ги повредува чувствата на Македонците и која што буди немир помеѓу нашите граѓани. И за мене такви провокации се недозволиви“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарски прашања поврзани со минатонеделниот инцидент во Охрид.

Тој повика на смиреност и разум, но порача и дека не треба да бидеме наивни, бидејќи, според него, ова е класична дистракција на еден навистина перфиден начин за да се одвлече вниманието од нашата европска иднина.

„Сето ова што се случува има импликации, затоа што ова не е натпревар кога играат Пелистер и Вардар или МЗТ и Работнички, ова за што ние денес зборуваме е нашата иднина. Јас летово не седев и не преговарав во Брисел со 27 земји членки на ЕУ со едно горко чувство, како што го делеа и нашите сограѓани, особено Македонците во однос на целиот јавен наратив и целата хистерија која што беше направена во нашето општество преку провокации кои доаѓаа од внатре и од надвор и кога заедно со моите колеги носев одлука за европската иднина на нашата држава, на нашите сегашни и на нашите идни генерации, за да сега стоиме тука и да гледаме како безмилосно направено насилство влијае врз сето она кое што е сработено и кое што се случува во државата преку овие насилства, практично ја киднапира нашата меѓународна и европска политика“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека нема да дозволи државата „да се одвои од европскиот пат“ и затоа ќе инсистира овој проблем да се реши на најбрз можен начин, затоа што, како што рече, треба да продолжиме кон ЕУ.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

„Најважно е што тие коишто ги иницирале настаните од минатата недела и настаните коишто претходеа претходно не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ“, додаде Ковачевски.

Тој ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се преиспита, бидејќи, како што рече, имало голем број информации дека настаните коишто се случиле минатиот викенд и настаните коишто се случуваа претходно, „се поврзани со нејзини членови и симпатизери“.

„И затоа велам дека преку вакви активности нашата најголема опозициона партија сѐ повеќе наликува на продолжена рака на Левица. Нам не ни треба тоа што тие го продаваат. Јас велам дека постојат два концепти. Едниот концепт е концептот за европска Македонија, вториот концепт е концепт на бесмислен национализам, којшто замина од оваа држава заедно со нивниот вистински лидер. Од друга страна, јас ќе дадам сѐ од себе, ќе инсистирам на брза и ефикасна институционална реализација на секој чекор и денес и понатаму затоа што ние едноставно мора да се задржиме на нашиот европски пат и целосна интеграција на Северна Македонија во ЕУ заради сегашните и заради идните генерации“, рече премиерот.

Патем, тој изрази задоволство што институциите реагираат брзо по инцидентот во Охрид и што МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно во овој случај.

„Верувам дека брзо ќе биде расчистен целиот случај и дека по истиот согласно со пријавите ќе постапува и ОЈО, кое има надлежност во однос на овој случај“, додаде Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -