Ковачевски: Вратите за членство во ЕУ ни се отворени, сега е моментот за обединет европски фронт и носење на храбри одлуки

„Доаѓаат јасни сигнали за отворена врата за членство на Северна Македонија во ЕУ. На нас е дали ќе донесеме одлука. За прв пат сега блокадата доаѓа од внатре. Затоа потребно е сите да се собереме во еден европски фронт со цел да ги донесеме одлуките коишто се потребни за влегување на државата во ЕУ“, изјави премиерот Димитар Ковачевски вечерва во „Тема на денот“ во вестите на Сител.

„Имам разговарано и со канцеларот на Германија и со претседателот на Франција, и со претседателот на Европскиот Совет и со претседателот на Европската Комисија. Од сите страни доаѓаат јасни сигнали за отворена врата за членство на Северна Македонија во ЕУ. На нас е дали ќе донесеме одлука. За прв пат сега блокадата доаѓа од внатре, затоа велам дека треба да се има храброст да се донесе одлуката“, оцени  Ковачевски.

Тој уште еднаш ја спореди земјава со Хрватска во однос на преговорите со ЕУ.

„Ние бевме заедно со Хрватска, a Хрватска влезе во ЕУ. Ние бевме во иста позиција со Хрватска кога ги стартувавме преговорите за ЕУ, гледајте каде е Хрватска, гледајте каде сме ние. Тие влегле, а ние уште чекаме“, рече.

На прашањето дали државава може да добие гаранции за членството во ЕУ во однос на реформските процеси на ЕУ,  Ковачевски потенцира дека иднината на ЕУ е една од темите на која ќе се зборува на претстојниот неформален Самит на Унијата во Шпанија кој ќе биде одржан заедно со состанокот на Европската политичка заедница.

„Тој состанок ќе биде во рамките на состанокот на Европската политичка заедница на којшто јас ќе присуствувам и на којшто ќе присуствуваат сите лидери на земјите од Европа, без Русија и Белорусија. Овој е трет состанок, во Гранада, на којшто ќе се разговара за многу важни теми. Неформалниот состанок е организиран, како што веќе најави и Шарл Мишел заради многу важни теми, тоа е војната во Украина, второ, обезбедување на што поголема енергетска независност од Русија и трето е иднината на ЕУ во смер кон проширувањето и на интерната динамика на подготовка на ЕУ за пријавување на нови членки. Процесот е поддржан од сите земји членки како никогаш досега. ЕУ знае дека им е потребно проширување, проширувањето впрочем е заеднички именител на сите глобални организации“, уверува премиерот.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

Тој го повтори ставот за потребата од формирање европски фронт со цел донесување на потребните одлуки за нашиот европски пат.

„Сметам дека сите треба да се собереме во еден европски фронт со цел да ги донесеме одлуките коишто се потребни за влегување на државата во ЕУ“, порача Ковачевски.

Тој нагласи дека еден од клучните процеси кој се одвива во моментов е обединувањето во Европа, и повтори дека дали ние ќе бидеме дел од тој процес зависи само од нас.

„Дали ние ќе бидеме дел од него, дали ќе бидеме први, како што јас посакувам, тоа сега зависи од нас, зависи од одлучноста, од визијата на политичарите во нашиот парламент да обезбедат европска иднина за граѓаните. Доста беше нашите граѓани со туѓи пасоши да одат да работат по Франција, Германија, веќе почнаа и по Словачка, Чешка, Полска што било незамисливо наши граѓани да одат само затоа што има таму поголем стандард. А зошто има? Бидејќи единствено разликата е што се земји членки на ЕУ и што по влегувањето имаат три пати поголеми плати, пазар од половина милијарда жители и имаат животен стандард кој поради тоа расте“, подвлече шефот на владата.

Тој говореше и за процесот на носење на уставните измени, во однос на барањето на албанската опозиција за бришење на формулацијата која се однесува на „јазикот што го говорат 20 отсто од граѓаните“.

„Албанскиот блок на опозициски политички партии, всушност, треба да размисли дали сака да биде дел од анти ЕУ коалиција кога зборува за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи, јас кога ќе ги погледнам политичките ставови на ВМРО-ДПМНЕ и политичките ставови на албанската опозиција, во моментов единствено нешто за што тие се, е да се спротивставуваат на ЕУ. И, тоа е добро бидејќи сметам дека сите политички партии, јас не би ги разликувам македонски, албански или влашки и така натаму, бидејќи сметам дека сите политички партии во државата припаѓаат на граѓаните“, порача Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -