Ковачевски смета дека треба да има тритретинско мнозинство за уставните измени

„Пратениците кои ги претставуваат граѓаните треба да бидат на висина на задачата и сите 120 да поддржат продолжување на патот на земјава кон полноправно зачленување во ЕУ“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со уставните измени.

Како што нагласи Ковачевски на прес-конференција во Владата, уставните измени ќе поминат низ процес на парламентарна дискусија и тие се, како што рече, нешто што земјава треба да го направи.

Притоа, Ковачевски повика прашањата како што се уставните измени да не се користат за теснопартиски интереси.

„Верувам дека сите 120 пратеници треба да ги поддржат уставните измени зашто со нив се внесуваат делови од други народи кои живеат тука, кои изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав. Ние веќе имаме повеќе делови од народи кои се дел од Уставот, покрај македонскиот народ. Постојат држави со дури 25 народи во Уставот, како Хрватска, и тоа само ја збогатува општествената кохезија. Во однос на доволниот број пратеници кои би ги гласале уставните измени, кажав дека е обрвска на секој пратеник зашто имаат обврска кон граѓаните и државата во однос на европската иднина. Заатоа постои дискусија во Собранието која треба да е базирана на аргументи, факти и на перспективите на државата“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

Според премиерот, меѓу политичките партии јасно се издиференцирани две коалиции – една која е, како што рече, за европска Северна Македонија и која заедно со доминантниот дел од граѓаните сака да ја види државата како дел од ЕУ, и другата која ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои, вели Ковачевски, се противат на членството во ЕУ и постојано изнаоѓаат нови причини кои немаат никаква врска со реалноста, исто како што, според него, немале ниту во единаесетте години додека беа на власт и кога државата не се поместила ни милиметар во евроинтеграциите, а била и заробена во однос на демократијата и владеењето на правото.

„Втората коалиција не нуди никаква алтернатива. Едниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ нуди некаквов азиски сојуз со централно-азиски држави, што сетам дека е нонсенс во однос на евроинтеграциите“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -