Ковачевски – Петков: Добрососедството на пиедестал, преку економско јакнење до приближување кон компромисот

Скопје/Софија, 26 јануари 2022 (МИА) – Со заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија, што се одржа вчера во Софија, се поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи и се прави обид преку конкретни договори да се зајакне соработката меѓу Скопје и Софија и тоа да придонесе и за пронаоѓање компромис за спорните прашања. Економската соработка, соработката во образованието и други области, двајцата премиери ја поставија како нов пристап за решавање на политичките прашања. На седницата вчера во Софија не се разговараше за политички прашања, а тие дискусии се оставени на двете министерства за надворешни работи.

Атмосферата на изразена политичка волја и духот на искреност и отвореност што преовладува на досегашните средби, водат кон заеднички прифатливи решенија за прашањата од интерес на двете земји, се согласија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков по седницата на владите на двете држави.

Двајцата премиери на заедничката прес-конференција порачаа дека добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветат на работи што беа заборавени последните години, а договорите што вчера беа потпишани имаат еден краен резултат, а тоа е економски развој на целиот регион.

Ковачевски и Петков оценија дека е добро што веќе има план за неделни средби на секторските групи и дека брзо може да се постигне сето она што е испуштено во изминатиот период.

Бугарскиот премиер оцени дека потпишаните меморандуми за многу клучни прашања – од областа на земјоделството, малите и средните претпријатија и развој на железничката врска Софија – Скопје, се пример за новиот пристап со нова енергија и реални резултати, и додаде дека има огромна синергија и предности за добрососедство.

Работната група во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот и земјоделието веќе има план на активности што ќе треба да се реализираат во наредните месеци, а групата задолжена за култура и образование исто така има конкретни проекти што ќе значат соработката меѓу високообразовните институции од двете држави и воспоставување научни конференции особено во делот на природните науки. Во делот на евроинтеграциите, како што посочи Ковачевски, Северна Македонија може да ги примени искуствата од Бугарија која веќе 15 години е членка на Европската Унија.

Неколку билатерални договори за соработка во различни области беа потпишани вчера од ресорните министри во рамки на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија.

Како што јави известувачот на МИА од Софија, министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев потпишаа два документа со кои се зајакнува инфраструктурното поврзување меѓу двете земји – за железничкиот Коридор 8 и за директната авио-линија Софија – Скопје.

Поконкретно потпишани се Меморандум за развој на железничкото поврзување Скопје-Софија, преку формирање на заедничка работна група, со цел забрзување на изградбата на железничкиот Коридор 8 и Иницијатива за воспоставување на авиолинија – Софија – Скопје.

Коридорот 8 ќе биде една од главните теми на кои престојниот период ќе работи конкретната работна група, во чиј делокруг е инфраструктурата, а како што најави Ковачевски на отворањето на меѓувладината седница, ќе се работи на сите делови на овој коридор – и на патниот и на железничкиот, но и во делот на телекомуникациите.

Бочварски и Сабев потпишаа и Меморандум за либерализација на стоки за и од трети земји.

Земјоделството и економијата се меѓу секторите на кои интензивно ќе се работи претстојниот период. Меморандум за разбирање и соработка во областа на земјоделството, аграрните науки, селските реони и шумското стопанство потпишаа министрите за земјоделство на Северна Македонија и Бугарија, Љупчо Николовски и Иван Иванов.

Министрите за економија на двете земји Крешник Бектеши и Даниел Лорер, пак, потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу ИАНМСП и Агенцијата за поттикнување на претприемништвото на Република Северна Македонија.

Ковачевски и Петков не ги заобиколиле политичките прашања и во Скопје и вчера и завчера во Софија, но фокусот во моментот не бил на нив. Ковачевски на прес-конференцијата рече дека за политичките прашања со Петков зборувале и на средбата во Скопје и во Софија, но вчера се говорело за темите кои ги покриваат работните групи, а кои работат на конкретни проекти во дадените области.

Двајцата премиери, кои на средбата во Скопје успеаја да се договорат за користењето на кусото име Северна Македонија, кое сега има подеднакво значење како и долгото име Република Северна Македонија, а што беше едно од барањата „пет плус еден“, вчера во Софија не говореа за некаков конкретен политички договор, туку напоменаа дека и двете држави имаат министерства за надворешни работи, кои во полн капацитет работат и во моментот кога ќе се приближат ставовите за некое од политичките прашања, јавноста навремено ќе биде известена, јави известувачот на МИА од Софија.

Отворените прашања треба да се решаваат во целина, што треба да претставува одредена рамка, која пак ќе биде поврзана со кревањето на ветото од бугарска страна и одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, брифира вчера Ковачевски за македонските новинари по завршувањето на меѓувладината седница на двете држави, која се одржа во Софија.

Како што јави известувачот на МИА од Софија, во врска со можноста за одвојување на прашањата од сега пакетот 4 плус 1 откако кусото име Северна Македонија беше решено за време на посетата на Петков во Скопје, Ковачевски напомена дека прашањата ќе одат во еден пакет, но, оти секое од нив има своја динамика на решавање.

Како што истакна премиерот, при решавањето на политичките прашања со Софија треба да се придржуваме до Резолуцијата која е донесена во Собранието на Северна Македонија и поддржана од сите политички партии, нагласувајќи оти точките не треба да се гледаат како тешки и лесни доколку постои подготвеност за постигнување компромис.

Ковачевски брифингот го одржа по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев, кој на разговорите, како што истакна премиерот, го реафирмирал ставот во однос на политичките прашања на бугарската страна. Но, напоменал и дека го поддржува новиот импулс на дијалогот кој го даваат двајцата нови премиери.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Во однос на тоа дали правата на Бугарите во Северна Македонија ќе се смета за критериум, Ковачевски истакна дека во различни држави има различни типови на устави, а во Уставот на Северна Македонија индивидуалните права се остваруваат колективно.

„Па така во нашиот Устав, освен македонскиот, впишани се и албанскиот и другите кои го сочинуваат, другите заедници и нормално и други граѓани на државата кои се самоопределуваат на друг начин, можат да побараат да бидат дел од Уставот“, рече Ковачевски, кој нагласи дека тоа е процес, кој поминува низ фазите на уставните измени и во кој се вклучени повеќе институции.

„На патот на една држава кон ЕУ се отвора Уставот, со цел да се направат и други адаптирања на Уставот и тогаш врз основа на тоа ќе бидат опфатени и тие прашање согласно барањата на граѓаните, нагласи Ковачевски.

Бугарскиот премиер, пак, истакна дека заедничката комисија за историски прашања ќе има нов режим на интензивна работа со договорени три официјални средби во следните четири месеци која ќе работи во контруктивен тон со цел достигнување на реални резултати.

Тој наведе и дека во бугарскиот тим од Историската комисија нема да има кадровски промени.

„Кај историската комисија ние со Димитар забележавме друго ниво на ентузијазам за работа и определување на нов режим за работа. Тоа што ќе имаме три официјални средби за следните четири месеци, плус многу интензивна работа меѓу тие средби, дава друг ритам на работата што треба да се заврши. Тоа што констатиравме за да се заврши работата треба да зборуваат, да се гледаат, да имаат заеднички цели и да имаат конструктивна рамка. Професорите од двете страни кажаа дека се подготвени овој нов начин на работа да се претвори во конструктивен тон. Ние нема да правиме кадровски промени, но тоа што ме израдува е дека Историската комисија е една од работните групи која ќе работи во контруктивен тон и достигнување на реални резултати“, рече Петков.

На заедничката седница покрај министрите кои ги предводат четирите работни групи од страна на Бугарија и Северна Македонија, присуствуваа и копретседавачите на македонскиот и на бугарскиот тим од Мешовитата мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров.

За мерливоста на успехот на новиот пристап што го почнаа Ковачевски вели дека критериум ќе биде реализираната цел.

„Критериум за успешност е доколку идната недела веќе имаме оператори од Софија да дојдат во Скопје или обратно каде што ќе разговараат за најекономски одржливата економска авиолинија, која би се воспоставила и би почнала со летови од 1 март. Критериум за успешност во инфраструктурата е доколку до 2023 година 13 километри од патот се направи до граничниот премин Клепало и тој се отвори и тоа е критериум за успешност“, изјави Ковачевски.

Во однос на политичките прашања, нагласи Ковачевски, успешен критериум е доколку успееме низ разговор на сите овие комисии, низ политички дијалог на владите да постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција со ЕУ.

Претходно, на отворањето на седницата, Ковачевски истакна дека меѓувладината седница е успех, а за себе си и Петков рече дека се луѓе кои сакаат рокови и остварувања.

„Кирил и јас важиме за луѓе кои сакаат ексел табели, кои сакаат рокови и сакаат остварување. Ние ќе бидеме тука постојано и постојано ќе учествуваме во работата на сѐ она што ќе се прави и сакаме барем еднаш неделно работните групи сами да информираат за напредокот и со тоа да ги направиме среќни и граѓаните на Република Бугарија и граѓаните на Република Северна Македонија“, потенцира премиерот Ковачевски.

Петков на отворањето истакна дека пред нивната средба во Скопје, односите меѓу Северна Македонија и Бугарија биле на многу ниско ниво, но од она што досега е постигнато во втората недела од неговата работа со Ковачевски му дава надежи дека нештата ќе се одвиваат во позитивна насока.

„Оваа денешна средба покажува во која насока нашите односи ќе се развиваат. Тие ќе бидат засновани на вистина работа, вистински средби, вистински резултати. Најважното нешто за политиката е да се развива за доброто на двата народа. Нема ништо подобро од тоа да работиме заедно, да имаме отворена економија, инфраструктурна поврзаност, да имаме заеднички календар, да говориме за европската интеграција и внимателно да ги следиме општествените теми, вклучително и историјата и човековите права, рече вчера Петков.

Ковачевски во Софија се сретна и со поранешниот премиер Бојко Борисов и раководството на партијата ГЕРБ, при што истакна дека очекува оваа партија, иако сега во опозиција, да продолжи со политиките за поддршка на Северна Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни, кои треба интензивно да работат за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, пак, во статус на Фејсбук му порача на премиерот Ковачевски дека државните интереси и животот на граѓаните не може да се стават во ексел табела.

„Да можеше водење на држава да се стави во ексел табела, ќе беше лесно за секој да води држава. Човекот треба да знае дека водењето на државата не е исто со неговата наследена ексел табела добиена за партијата. Државните интереси не може да се стават во ексел табела, ниту пак животот на граѓаните“, напиша Мицковски.

- Реклама -