Ковачевски откако Мицкоски побара ТВ дуел: Не е време за дуели и лидерски средби, туку за продолжување по европскиот пат

„Наместо трошење време на нови дуели и лидерски средби надвор од политичките процеси, на граѓаните и на државата им е потребна обединетост, со цел земјата да продолжи по европскиот пат“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Канал 5“, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара ТВ дуел.

„Тој европски пат не е пат сам за себе, ниту пак одлуката е одлука сама за себе, тоа е еден од чекорите за остварување на втората цел на државата, после членството во НАТО – зачленување во ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој повтори дека од тие причини сите политички чинители во државата треба да бидат посветени на процесот за уставните измени, а за тоа, како што рече, имаме поттик, доверба и поддршка од сите земји членки на Европската Унија, како и од Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.

Ковачевски, меѓутоа, и натаму тврди дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила да влезе во влада и да ги поддржи уставните измени, без притоа да ги адресира условите кои ги постави опозицијата.

„Она што во моментов ни треба е продолжување на дијалогот на ниво на работни групи коишто ќе треба да ги договорат деталите на процесот како ќе се одвива во иднина. Бидејќи ако опозицијата ги кажа своите ставови – а тоа е дека нема проблем со вметнувањето на други делови од народи, вклучително и бугарскиот, во нашата Преамбула… тоа го кажаа јавно, дека се согласни да влезат во Владата, дека се согласни таа Влада да ги заврши уставните измени, да ги отвори поглавјата, да го заврши скринингот итн. и потоа да се оди на избори, прво со техничка Влада, согласно со закон и дека Парламентот може да носи таква одлука – тогаш не гледам пречка зошто не би продолжила работата во работните групи“, рече Ковачевски.

Тој повтори дека уставните измени се регулирани согласно законската процедура и, како што рече, тие во моментов се наоѓаат во работните тела на Владата, а штом ќе биде завршено нивното финализирање и формализирање од технички аспект и содржински, ќе бидат доставени до Парламентот, каде што ќе отпочне процедурата.

„Лидерската средба беше свикана од моја страна навистина со добра волја и со цел да изнајдеме заеднички јазик, обединето да ја донесеме оваа одлука, бидејќи и за ВМРО-ДПМНЕ не е лесно, како голема партија во државата, опозициска партија, да не поддржи ниту една стратешка одлука за државата – ниту членството во НАТО, ниту Преговарачката рамка, ниту Договорот со Фронтекс, каде што за прв пат го имаме македонскиот јазик без никакви додавки, фусноти и појаснувања на договор со сите други јазици членки на ЕУ, одобрен од сите земји членки на ЕУ, вклучително Бугарија и Грција“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Мицкоски: На реториката на ДУИ не треба да ѝ се дава значење, како стигнуваме до криминалот ќе станува уште пожестока

„Подавањето рака за едно такво обединување“, според него, е вистинскиот чекор.

„Се надевам дека и во ВМРО-ДПМНЕ, оние коишто се за европски интеграции на државата, за продолжување на европскиот пат, ќе успеат да го кажат својот глас, да го искажат своето мислење и одлуките на партијата ќе бидат во таа насока. Заедно ќе ги донесеме одлуките кои значат подобра иднина за државата мерена низ сите параметри ако се спореди со земјите коишто не биле членки на ЕУ, а денес се членки на ЕУ“, рече Ковачевски, повторувајќи ги многупати чуените бенефити од членството во ЕУ.

Мицкоски, пак, денеска од кавадаречкото село Ваташа, каде денеска присуствуваше на одбележувањето на 80 години од стрелањето на 12 младинци од страна на, како што нагласи, бугарскиот фашистички окупатор, го повика Ковачевски на ТВ соочување за, меѓу другото, и да се расчистат спиновите околу тоа што се договориле.

„За да нема ‘вака кажавме – така кажавме’, средба на тимови, средба на лидери, еве јавно пред македонската јавност на ТВ дуел, очи во очи да си кажеме тоа што сакаме, па народот нека суди и нека пресудува“, рече Мицкоски.

Прашан, попат, за резолуцијата на германскиот Парламент за поддршка на македонскиот јазик и идентитет и членството на Македонија во ЕУ, Мицкоски истакна дека секоја таква резолуција е добредојдена, но и дека македонскиот народ заслужува многу повеќе.

„Секоја таква резолуција е добредојдена, ја прегрнуваме. Очекуваме такви резолуции и од други наши стратешки партнери во периодот што следува. Тоа не е, би рекол, ниту пет проценти од она што овој народ го заслужува. Овој народ заслужува фер шанса, каква што имале сите народи што пристапувале кон Европската Унија. А тоа е, без условување, без отстапки по националниот идентитет, да може да покажеме колку знаеме и колку вредиме, во еден нормален процес на преговори да станеме земја членка на Европската Унија“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: МИА

- Реклама -