Ковачевски: МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин ги идентификуваа сторителите

Премиерот Димитар Ковачевски, изразувајќи сочуство до сите а пред сè до семејството, соучениците и наставниците, денеска изјави дека МВР и Обвинителството „на најпрофесионален начин, на најврвно и посветено ниво“ успеале да ги идентификуваат сторителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и тие, рече, ќе бидат изведени пред казната. Тој подвлече дека за вакво грозоморно дело и злосторство следуваат највисоки казни.

По завршување на лидерската средба, во одговор на новинарско прашање, премиерот оцени дека излагањата на прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител, покажале дека се работи за изолиран случај.

„Не би сакал да повторувам тоа што во детали го објаснија и министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител, меѓутоа сметам дека според начинот на кој што објаснија со сите детали, експлицитно кажува дека се работи за изолиран случај на злосторници, криминалци, кои треба најжестоко да бидат казнети согласно македонското законодавство“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Хоспитализиран еден од обвинетите за убиството на Вања и Панче

„Со ова се потврди професионалноста на нашите истражни органи, на Обвинителството, кои што без никакво влијание од кого било постапуваат по овој случај и постапуваат и во другите случаи. Криминалот има име и презиме. Обврска на истражните и правосудните органи е да се справуваат со вакви криминалци“, додаде тој.

Ковачевски, воедно, им се заблагодари и на медиумите, како и на специјалниот тим во МВР формиран за овој случај.

„Сакам да се заблагодарам и на медиумите кои што информираа за овој случај, но и на сите граѓани кои што споделуваа информации, како и на сите членови на специјалниот тим кој што беше формиран во МВР за расветлување на двете убиства“, рече Ковачевски.

- Реклама -