Во првиот квартал од идната година повторно ќе има покачување на минималната плата, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Идната година повторно нѐ очекува зголемување на минималната плата, бидејќи ја сменивме методологијата. Сега влијае и зголемувањето на трошоците за живот и зголемувањето на продуктивноста, односно на БДП во државата“, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која го претстави новиот пакет анти-кризни мерки.
Премиерот истакна дека со стопанските комори се разговара многу отворено.
„Сега не е време за финансирање профитабилност, сега е време за финансирање опстанок, како на компаниите, така и за загрижување на најранливите категории“, порача Ковачевски.