Ковачевски: Гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина

Руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и е сериозно кршење на меѓународното право, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на Вонредната средба на шефовите на држави или влади на членките на НАТО во Брисел.

Ковачевски порача дека Северна Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воената акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина и ја поздрави „храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата“.

„Во таа насока Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешно-политичка ориентација и безбедносни аранжмани“, додаде тој.

Како што соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, Ковачевски потенцирал дека во овие несигурни времиња, „гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина, кои вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на алијансата“.

Ковачевски истакнал и дека земјава обезбедила хуманитарна помош и медицински материјали за Украина и дека е подготвена да ги прифати украинските бегалци кои би дошле во земјата.

Прочитајте и:  Руте ја назначи Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО

Премиерот посочил и дека „внимателно се идентификувани и се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан“. Според него, Русија со таквите активности има за цел да ги поткопа угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвика безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан, и да создаде дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.

НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста, констатирал премиерот.

Политиката на отворени врати на НАТО, оценува Ковачевски, беше историски успех кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент, наспроти отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западниот Балкан, која може да има повеќекратни негативни тенденции.

Проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа е од исклучителна важност за Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за пристапување во ЕУ без натамошни одложувања, додал тој.

Извор: МИА

- Реклама -