Ковачевски: Економијата се движи во добар правец, Владата е подготвена да се справи со сите идни предизвици

„Во изминативе две години како Влада се посветивме на силна поддршка на стопанството со цел да му помогнеме во справувањето со кризата од пандемијата и да зачуваме што повеќе работни места“, истакна новиот претседател на СДСМ – Димитар Ковачевски, на средба со менаџментот и сопствениците на компанијата Братство Инокс ДОО во Охрид.

Осврнувајќи се на актуелната економска ситуација и претојните предизвици, Ковачевски подвлече дека Владата е подготвена да се справи со сите идни предизвици, како што се енергетската криза и состојбата со пандемијата на Ковид-19.

„Како помош за стопанството во санирање на штетите од кризата, досега вложивме над 1.1 милијарда евра преку шест пакети економски мерки. На тој начин успеавме да спасиме повеќе од 60.000 илјади работни места, а економијата побрзо да се врати на стабилни основи. И последната анализа на ММФ потврди дека антикризните мерки за поддршка на стопанството го амортизирале негативниот ефект на пандемијата. Затоа денес со право можеме да кажеме дека македонската економија се движи во добар правец“, истакна Ковачевски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Според него, ефикасните мерки се потврдуваат и преку повеќе економски показатели, меѓу кои и дека во третото тромесечје имаме раст на БДП од 3%, извозот во периодот јануари-октомври е зголемен за 29%, а стапката на невработеност е 15.9% со тенденција, како што рече, за дополнително намалување.

„Сето ова е доказ за успешноста на економските политики, но и дополнителен мотив, да продолжиме да реализираме мерки и проекти кои ќе обезбедат забрзан економски раст и повисок животен стандард за сите граѓани, особено во периодот пред нас во кој ќе се соочиме со предизвиците од енергетската криза и пандемијата на коронавирусот“, порача лидерот на СДСМ.

- Реклама -