Доколку се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било, бидејќи сè е наведено во тој документ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи го министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) изјави дека Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања.
Ковачевски, денеска по посета на градинката „13 Ноември“ по повод „Недела на детето“, рече дека е во постојана комуникација и со Османи и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и, според него, изјавата на шефот на дипломатијата е многу јасна и не се разликува од неговите изјави во минатото, ниту пак се разликува од другите изјави на оваа тема.
Тој нагласи дека имаме усвоена преговарачка рамка, одобрена од 27 земји-членки на ЕУ, на која, како што рече, се придржуваат сите земји на чело со претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен.
Од друга страна, опозицијата сакајќи да го одолговлекува процесот, сакајќи повторно да ја внесува државата во изолација, со тоа може да ѝ даде можност на Бугарија да каже: „Гледајте, тие не сакаат да ги исполнат нашите обврски, а ЕУ ги исполнува своите обврски“, бидејќи ние имаме Преговарачка рамка со ЕУ, немаме Преговарачка рамка со Софија, рече Ковачевски.
Тој додаде дека скринингот се одвива во Брисел, а не во некој друг град и поради тоа е потребно фокусот да се стави на исполнување на она што е во Преговарачката рамка.
„И затоа ако се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш и нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било, бидејќи сè она што е наведено е наведено во Преговарачката рамка. Нормално дека ние имаме и билатерален договор со Бугарија, исто како што имаме и билатерален договор со Грција, која што се реализира на билатерално ниво, кој што се наоѓа во општите одредби на документите со ЕУ, не во посебните бенч маркови и во критериумите во коишто се оценува напредокот на државата, согласно Копенхашките критериуми. И тоа е нешто што е работа на МНР, на историската комисија, која што работи на паритетна основа и која што не може да донесе ниту една одлука доколку не се согласат сите историчари коишто се членови на Комисијата, а тоа значи сите претставници од нашата држава и сите претставници од соседната држава. Без консензус не може да биде донесено ниту едно решение. Она што досега било донесено тоа било донесено со консензус. И тоа што е донесено со консензус на паритетна основа и на реципрочна основа се имплементира во двете држави“, рече Ковачевски.
Премиерот напомена дека Бугарија имала голем број барања во изминатиот период и тие барања биле предмет на напорни и тешки преговори, во коишто било вклучено француското претседателство во текот на изминатата година.
„Во текот на тие преговори она што беше клучно за нас и што е оцртано во заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија, кое што е дел и од Преговарачката рамка, е чист македонски јазик во Преговарачката рамка и во ЕУ, потпишување на Договорот за ФРОНТЕКС на чист македонски јазик заедно со сите други јазици на ЕУ на ист документ и тоа гледате дека се случи. Дел од вас беа на скринингот на почетокот на првата меѓувладина конференција, на сите преговарачки кабини стоеше македонски јазик. Европското законодавство се преведува на македонски јазик. Договорот ФРОНТЕКС е потпишан на македонски јазик заедно со други јазици на ЕУ одобрен од сите земји членки, вклучително и Бугарија и Грција. Во тоа никој не веруваше во минатото дека може да се случи“, рече Ковачевски.
Она што останува да се направи, додаде, е успешно завршување на скрининг процесот, изработка на документите коишто се однесуваат на патоказите за владеење на право, за демократија и за малцинските права на сите заедници.
„Во однос на малцинските права сметам дека ние сме лидери во Европа, бидејќи ако постои држава во која што малцинските права се заштитени и се унапредуваат и законски и институционално, за што основа секако е Охридскиот рамковен договор, тоа со сигурност е нашата, во која што секој човек без разлика на неговата етничка припадност може да го планира својот личен и професионален живот во држава, која што е еднаква за сите“, рече Ковачевски.
Извор: МИА