Ковачев: Не е европски да ги поддржиме лагите на Скопје, во Бугарија има целосна согласност по ова прашање

„Ние сакаме полноправно членство во ЕУ за сите земји од Западниот Балкан. Тоа беше основната заложба и во нашето претседателство“, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за „бТВ“, пренесува БГНЕС.

Сепак, „во однос на Република Северна Македонија, сметам дека не е европски да ги поддржиме манипулацијата и лагата. Мораме да ја победиме омразата која беше наталожувана во време на тоталитарниот режим“, додава тој. „Нормално е да побараме антибугарската реторика, особено во последните недели, да биде надмината. Тие треба да покажат храброст и да го направат тоа не затоа што тоа е бугарската позиција, туку затоа што одговара на историската вистина“.

Според Ковачев, надворешни фактори – како Белград и Москва, како и „пројугословенската елита со носталгија кон Тито“, не дозволуваат Бугарија да е најблиска со Северна Македонија и односите меѓу двете држави да бидат како оние, како што вели, меѓу Германија и Австрија, Грција и Кипар, Романија и Молдавија.

„Има огромна консолидација во бугарското општество, и тоа без оглед на партиската припадност“, истакна Ковачев, алудирајќи на истражувањето на јавното мислење спроведено од „Алфа рисрч“, порачано токму од европратеникот, според кое 84% од Бугарите сметаат дека Бугарија не треба да дозволи почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ сѐ додека не се надминат „историските манипулации“.

 

- Реклама -