„Нашата таковина, нашите граѓани веќе ги живеат историските успеси. Ние сме НАТО“, оцени денеска на прес-конференција портпаролот и пратеник на СДСМ – Костадин Костадинов.
„Во Брисел се одржа прв Самит на НАТО на којшто Северна Македонија учесуствуваше како полноправна и рамноправна земја-членка. На иста маса со најсилните, рамо до рамо со нашите сојузници со кои делиме исти вредности, посветени на колективната безбедност. Членството во НАТО е реализација на нашата стратешка и национална цел поставена уште од независноста. Обезбедена е нашата безбедност и стабилност и подобрена е безбедноста и стабилноста на целиот регион“, истакна Костадинов.
Притоа, тој упати низа критики на адреса на опозицијата.
„Додека премиерот Заев и нашата државна делегација работат за иднината на државата, за сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски целосно се загубија во деструктивноста. Откако им издишаа протестите и блокадите, цела нервоза ја истураат во нови опструкции и блокади. Таквата деструкција и немање ориентација во простор и време ги доведе до степен отворено да работат против највисоките национални интереси. Наместо да го поздрават државниот успех, наместо да честитаат за членството во НАТО и одржувањето на првиот Самит како рамноправни партнери, шират невистини за лажно загрозување на идентитетот“, рече Костадинов.
Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ е штетен фактор за македонските национални интереси, и кога е власт, и кога е опозиција. Одбивајќи да расчистат сами со режимот во самите себе, тие ѝ се одмаздуваат на сопствената татковина со неразумно и штетно делување, буквално во секој поглед, констатира пратеникот на СДСМ.
„Повеќе од јасно е дека оваа партија нема волја, ниту желба, а уште помалку капацитет, да се издигне над мрачното наследство кое им го остави Груевски. Тоа го покажа и снимката и зборовите на Жугиќ. Сѐ додека раководството удобно безделничи и контрира на највисоките државни интереси, опкружено со ‘велелепни лустери, црвени теписи и махагони’, нема аир од нив ни кога странува збор за здравство, ни за образование, уште помалку во односите со сојузниците и меѓународната заедница“, рече Костадинов, додавајќи дека граѓаните шест пати по ред ја казнуваат ВМРО-ДПМНЕ на избори, но таа и натаму продолжува со деструкција и заштита на криминалот и корупцијата, заради што и натаму ќе остане опозиција, „зачаурена во Белата палата“.