Коп за уставните измени: Вашите односи со Бугарија тука нема да завршат

Целото прашање околу Уставот не треба да се користи како изговор да не се спроведат реформите. Реформите веќе можеше да бидат направени и порано, но сега е крајно време. Скринингот започна и овој процес не може повеќе да се прекинува, смета амбасадорот на Холандија во земјава – Дирк Јан Коп.

Главниот проблем во земјава, според него, е дека владата и парламентот не се целосно функционални, а за влез во Унијата, потенцира, тоа е крајно неопходно.

Во однос на уставните измени, во интервјуто за „Трилинг“, амбасадорот оцени дека „логиката и разумот се на страната на Северна Македонија“, но и посочи дека земјава сака да влезе во ЕУ и, оттаму, мора да ги исполни критериумите.

„Северна Македонија се согласи да го смени Уставот како услов за отворање на втората фаза од меѓувладината конференција. Според мене, ова е само релативно важно, затоа што вашите односи со Бугарија тука нема да завршат. Сѐ додека станете членка на ЕУ и не седнете на иста маса, сите земји членки можат да ви прават секакви пречки на патот, како што покажала историјата“, посочи Коп.

Извор: МИА

- Реклама -