Комисијата препорача одземање на мандатот на Груевски; за Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ азилот не е неоправдано отсуство

Со 5 гласа „за“ и ниту еден воздржан или „против“, бидејќи пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаа, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања одлучи да му се одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски, поради 6-месечно неоправдано отсуство од работата на Собранието.

Следната дестинација на предлогот на Комисијата е во Собрание, пред пратениците, кои ќе ја донесат конечната одлука за тоа дали Груевски ќе го задржи мандатот. За да му биде одземен, ќе потребно ќе биде двотретинско мнозинство, односно 80 гласови.

Сè уште не се знае дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат одземањето на мандатот на Груевски. Како што објави порталот „САКАМДАКАЖАМ“, вчера Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучил и апелирал до пратениците во Собранието „да постапат на начин на кој неселективно ќе ги почитуваат законите и Уставот и во случајот со пратеникот Никола Груевски“.

„Доколку се исполнети условите согласно закон и Устав за престанок на мандатот на г-динот Никола Груевски, тогаш апелираме и ги охрабруваме пратениците да постапат согласно законите и Уставот“, соопштија членовите на ИК по седницата.

Сепак, на денешната седница на Мандатно-имунитетната комисија, пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Невенка Стаменковска, се повика токму на Уставот (делот во кој се гарантираат основните човекови права) за да аргументира дека азилот на Груевски не може да се смета како неоправдано отсуство, пренесува „Макфакс“:

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

„Деловникот дозволува пријавување на отсуство на пратениците, но вие со вашите репресивни мерки не дозволивте Груевски да се пријави како отсутен. Тој не ги исполнува целосно условите за одземање на мандатот. Да ги потсетам СДСМ и коалицијата дека Груевски не е бeгaлeц, како што милуваат да го наречат, туку лице кое има добиено политички азил од страна на земја членка на ЕУ во која повеќе се почитуваат човековите права отколку овде“, порача пратеничката.

За потпретседателката на Комисијата – Снежана Калевска-Ванчева, која поради оставката на Павле Богоевски претседава и ќе претседава со седниците, е неразбирливо како пратениците од владејачкото и опозициското прашање можат различно да го толкуваат Уставот и членот 65, и порача дека никој не го терал Груевски да замине во азил. Дали тоа е оправдано или неоправдано отсуство, остави да проценат самите пратеници, секој според сопствената совест.

 

- Реклама -