Кога жена од социјализмот работи со клиенти

618x412[1]

Знаете, и денес ќе најдете тетки кои работеле едно исто 40 и кусур години, кои по дифолт седат на шалтер, зад некој регистар или не дај боже – работат во некое породилно.

Зашто во социјализмот, кога овие жени ја учеле професијата, сељакот бил над професорот, а нештата во целина – над човекот. Па затоа, овие тетки немаат претстава како се работи со клиенти во 21-от век, а камо ли да сфатат дека клиентот секогаш е во право. Такво нешто не постои.

Да си претставиме еден обичен медицински центар, во кој на шалтерот работат жени што успеале да опстанат во денешната реалност уште од времето на социјализмот.

Човекот што ги плаќа, не ни знае каков еж си ставил во гаќите. Тие со шефовите се однесуваат повеќе од врвно, а во младоста сигурно имало и штипкања и џиџи-миџи муабети по аглите на ходниците и по банкетите.

Како и да е, седи една жена од социјализмот на шалтерот во тој здравствен центар по цел ден. И еве што се случува:

Влегувате низ вратата:

– Добар ден, имам закажано кај доктор Јованов од 16:30ч.

– Седи!

– Тука ли?

– Не гази по мокрото бе, еееееееииииј, само што измив, мајко му стара! Како бе не се научивте, брее.

– Но, ве молам, јас…

Во тој момент ѕвони телефонот, жената од социјализмот ве игнорира и одговара.

– Ало.

Кратка пауза. Човекот од другата страна на слушалката поставува прашање. Жената од социјализмот му враќа:

– Видете госпожа, не постои такво нешто. Таксата се плаќа одделно од сумата за преглед. Освен тоа, сте користеле стерилен (вагинален*) спекулум при прегледот, кој чини 800 денари. Плус 1700, плус 2000… Ааа, тоа што сте преку фондот да го кажевте порано, јас не можам да гатам тука секој по каква линија е дојден, ајде ви се молам…

– Разговорот прекинува. Жената си мрмори нешто сама под носот додека си ги турпија ноктите со метална турпија од времето на социјализмот.

На ѕидот до неа виси лански календар со девојки што рекламираат наполитанки. До него се наредени слики од среќни бебиња, веројатно родени во клиниката. До нив има слика од медицинска сестра во секси униформа, со текст „Јас ќе те поправам“.

Чувствувате дека сте на правото место.

Низ вратата влегува човек во бел мантил. Жената од шалтерот:

– Здраво, доктор Јованов! Ама многу ви е убава ќерката! Пу-пу, вчера ја видов, убавица! На вас се метнала! Од бонбоните пробавте ли, Верето правеше роденден, земете, земете си…

Докторот влегува во својот кабинет. Жената од социјализмот, кон вас:

– Дојди тука.

– Јас ли?

– Не, на ѕидот му зборам. Дојди да те регистрирам. ЕМБ.

– 160598…

Телефонот пак ѕвони.

– Ц ц ц ц ц ц… Ејјј… Не престанавте и не престанавте, еееиииј, значи… АЛО! Да. Да. Сега ќе ги проверам резултатите и ќе ви ги кажам. Лиле Јорданова, така? 121199… Момент. Имате габична инфекција, госпоѓице Јорданова. Дојдете за рецепт во петок.

Стоите, веќе го знаете матичниот број и вагиналната флора на тотално непозната жена. Си размислувате дали можеби би можеле да регистрирате фирма на нејзино име, ако посакате. Можеби сепак ќе ви се потребни и други податоци од личната карта… или пак не… Како и да е…

Погледнувате кон екранот пред задолженото лице пред вас, и гледате дека податоците ви се запишани погрешно. Не знаете дали да се радувате, или да си ја искубете косата од нервоза.

Девојката од календарот со вафли ве гледа страстно, но и некако со сожалување.

Во тој момент вие сте сами. Никој нема до вас, само две дебели трудници чекаат нешто пред другиот кабинет. Едната ноншалантно јаде некоја кифла. Ѝ паѓа парче на измиениот под. Жената од социјализмот не го забележува тоа, уште е на телефонот. Погледнувате наоколу, правите неколку чекори, излегувате од вратата и земате чист воздух. Потоа си одите. Мамата на сите. Тоа не е живот.

Тргнувате кон автобуската со мислата дека прегледот може да почека и дека немате нерви за тоа. Притоа спонтано сфаќате дека автобуската карта ви истекла и дека ќе треба да ја заверите за уште еден месец.

Ене, онаму, на шалтерот со опашка од луѓе.

Антонија Антонова

 

 

- Реклама -