Било 1942 година, а Винстон Черчил се опуштал во када полна со топла вода. Во еден момент во бањата му влетал Луис Монтбатен – адмиралот на британската флота, соопштувајќи му важни вести. Да го прекинеш Черчил додека кисне во топла бања не било невообичаено, не еднаш Черчил издавал наредби токму од таа позиција.
Овој пат, пак, бил прекинат за Монтбатен да му соопшти дека има парче нов материјал кој сака да го стави во неговата када; и му фрлил парче мраз меѓу нозете. Черчил гледал со воодушевување, а Монтбатен со израз „ти реков?“; парчето мраз не се топело.
Во тој период, Черчил бил во тесно. Советите се бореле со Германија на источниот фронт, но Велика Британија, која сé уште немала извршено успешна инвазија во Европа од западната страна, се наоѓала во ќорсокак. Знаејќи дека Британија зависи главно од увоз, германските „подводни бродови“ (U-boats) постојано ги таргетирале трговските и товарните бродови на пат кон Британија, праќајќи ги сите тие залихи од храна и материјали за британските граѓани и војници на дното на океанот.
На овие бродови итно им требало помош, но авионите стационирани на британскиот и европскиот брег го немале потребниот домет (не можеле да летаат толку далеку) за да понудат заштита. Па така, бродовите биле оставени сами на себе да поминуваат над 480 километри небезбедна водна површина. Експертите ја нарекувале „mid-Atlantic gap“ (средно-атлантски јаз), но попозната била како „The Black Pit“ (црна јама).
* Прочитајте како некои од бродовите биле шарани како зебри за да ги избегнат нападите)
Черчил, нормално, знаел за небезбедниот атлантски јаз, и верувал дека неколку пловни воздухопловни бази во Атлантикот можат да ја обезбедат потребната дистанца за неговите авионите да стигнат до непријателските бродови и подморници. А со оглед дека во тој момент Британија не располагала со многу воени носачи, Черчил размислувал за поставување на непотонувачки острови кои ќе служат како хангари и горивни депоа. Само што, не доаѓало во предвид овие пловни воздухопловни бази и авионски писти да бидат изградени од челик – на Сојузниците им било потребно секое парче метал, што за оружја, што за тенкови, што за воени бродови.
Па така, гледајќи во парчето мраз што пловело во неговата када, Черчил бил убеден дека го нашле решението, т.е. материјалот од кој ќе бидат изградени воздухопловните бази среде океанот. Британија била мошне сериозна околу мразот како градежен материјал; мразот, сепак, не тоне. Поправките би биле лесни – само додај вода. Черчил, пак, бил наивен и убеден дека тоа може да се направи со отсекување на парче мраз од Арктикот и негово довлекување до Корнвол.
* Дедо му на Дарвин така сакал да го лади Екваторот. ОАЕ така планираат да обезбедат вода за пиење.
Се разбира, имало пречки. Обичниот мраз се топи, и нема поента да го влечете преку Атлантикот само за да го снема. Исто така, мразот е и кршлив, а и лесно се превртува – ако пловната база е доволно тенка, една стратешки фрлена бомба може да ја прекрши на половина и да ги прати сите авиони на дното на океанот.
Но затоа Британија го имала Џефри Пајк – научникот кој во 1942 година работел на идејата за пловни авионски носачи, но пред сé, на тоа да создаде цврст и издржлив мраз што нема да се топи. Неговото истражување го базирал на малку познатиот извештај на Херман Марк – виенски професор по хемија кој избегал од нацистите, во кој објаснувал како мешавина од ситна и крупна пилевина од дрво, или памук, може да го засили мразот на ист начин како што арматурата го засилува бетонот.
Извештајот на Марк не бил никаква шега. Луѓето на Пајк се увериле дека и најмало додавање на дрвена пилевина прави чуда: го инсулира (топлотна изолација) мразот и го спречува најголемиот дел од топењето. Па така, Черчил, гледајќи во својата када во новиот градежен материјал отпорен како бетон, се заљубил во идејата. Материјалот го нарекле „Pykrete“, од Џефри Пајк (Pyke) и „concrete“ (бетон).
Ледените воздухопловни бази во Атлантикот биле замислени како конструкции налик на брод кој ќе се самопропелира со мала брзина и ќе поместува милиони тони вода. Но исто така, биле замислени да имаат и своја против-воздушна одбрана, работилници и гаражи за поправка, но и мала фабрика за мраз, за да ја одржуваат сантата во првобитната големина. Предложената база требало да биде околу 600 метри долга и 30 метри дебела (10 пати подебела од просечната ледена обвивка на Арктикот, патем). Ќе можела да патува вкупно 11.000 километри, а со помош на 26 електрични мотори и 15-катно кормило (перка за управување). При движењето, ќе растерувала 26 пати повеќе вода од најголемиот брод на светот.
Носачите од мраз не биле импресивни само по својата големина. Макс Перуц – научник кој има работено на проектот, за The New Yorker пишуваше дека „bergship“-овите (од iceberg и ship) требало да носат гигантски резервоари полни со суперстудена вода – течна вода оладена под нормалната точка на замрзнување – која „ќе може да биде прскана на непријателот за да го замрзне при контакт“. Со други зборови, зраци за замрзнување.
Како и да е, на таен состанок во 1943 година, Британците им ја соопштиле идејата на Американските команданти. Има неколку варијанти на настанот, но според Перуц, американскиот командант Даглас Грант земал две коцки мраз – едната обична, другата Pykrete, и испукал два куршума за да ги тестира. Првиот куршум го распарчил мразот. Другиот куршум се одбил и погодил еден од високите офицери во рамото. Pykrete-от, меѓутоа, не бил оштетен, а Американците веднаш потпишале.
Прототипот бил изграден истото тоа лето во Алберта, Канада. Локалните пилани ја обезбедиле потребната пилевина, додека работниците на „плантажата“ за мраз (на површина од 200 акри) замрзнале доволно вода во ледени градбени коцки. За неколку месеци, 18-метарскиот прототип бил пуштен на проба во едно блиско езеро. Тежел колку пет сини кита (еден е околу 135 тона).
Ама проектот таму и застанал. Веќе кон крајот на 1943 година, Сојузниците веќе имале изградено нови флоти од авионски носачи. Со зголемениот домет на новите воени авиони (соодветно наречени very-long-range aircraft) и зголемувањето на производството на истите, средноа-Атлантскиот јаз бил покриен. Подобрувањата во радарите и зачестените придружби од американски уништувачи им создадоа многу проблеми на германската U-Bootwaffe. Сé на сé, таа година Германија изгубила четвртина од своите подморници.
Разгледувајќи ги бројките околу зголеменото производство на флотата, како и загубите на Германците, официјалните воени лица на Британија и САД заклучиле дека продолжувањето на проектот со ледените носачи во такви околности ќе значи само беспотребен, а огромен трошок. Проектот бил напуштен, а прототипот од Pykrete бил оставен полека полека да се истопи.