Едно време, кога бродовите беа мета на непријателски подморници, мораа да смислуваат разни начини на одбрана (не дека баш бродовите седнаа да смислуваат). Еден од тие начини беше камуфлажата.
Камуфлажа во суштина значи визуелно да се претопиш со средината. Кога си брод на отворено море, тоа не е баш така лесно. Но постојат повеќе видови на камуфлажа. Претставете си една зебра, на пример. Ај сега и едно поголемо стадо зебри. Забележувате дека кај нив принципот на камуфлажа е обратен – црно-белите линии не ги кријат, туку ги прават уште повидливи отколку кога би ги немале. Што е штосот? Се смета дека нивните шари им отежнуваат на предаторите да ги разликуваат една од друга кога се во стадо, што е мошне важен аспект од ловот. Исто така, наводно ги прават помалку привлечни за коњските муви.
Ова се вика дисруптивна камуфлажа. Кога станува збор за луѓето, веројатно најспектакуларната примена на ваква камуфлажа е „Dazzle“ и се однесува токму на бродовите кои ги шараа слично на зебри за да ги избегнат торпедата на непријателските воени бродови и подморници.
„Dazzle“ боењето се појави во 1910-тите, како дизајн решение за незгодниот проблем на американските и британските бродови кои беа потопувани на секој чекор од страна на германските U-Boats. Се разбира, борбата на Британија против Централните сили се потпираше токму на поморска достава на ресурси до воените фронтови, но транспортните бродови беа лесна мета. Па ги ишараа.
Обичната (high similarity) камуфлажа едноставно не функционира на море. Постојаните промени на условите – небото, облаците и висината на брановите го прават претопувањето со позадината невозможно. Затоа одеа на карта конфузија.
Но како тоа помага против торпедо?
Во тоа време немаше торпеда со следечки системи. Торпедата пукаа право, а нормално, им треба време да стигнат до метата. Тоа значи дека ако пукаш директно во моменталната позиција на бродот, додека торпедото ја стигне дестинацијата, бродот веќе се тргнал.
На онлајн гејмерите кои играат одредени игри со пукање (особено GTA SA:MP) , ова им е познат концепт – се нарекува lag shooting. Под „lag“ или „ping“ се подразбира доцнењето (обично во милисекунди) што се јавува поради физичката дистанца на твојот компјутер до серверот и компјутерите на другите играчи („интернетот“ патува преку кабли, нели). Тоа значи дека ако пукаш во играч во движење, додека серверот да го регистрира сигналот и импактот од твоите виртуелни куршуми, противникот веќе е доволно поместен за да го промашиш. Па така, решението е да пукаш некогаш и еден прст полево или подесно ПРЕД противникот, во зависност од насоката на неговото движење.
А тоа е потполно истиот принцип како кај торпедата во 1910-тите. Не пукаш во моменталната позиција на бродот, туку во позицијата на која проценуваш дека ќе биде во моментот кога ќе го стигне торпедото. Каква улога игра зебра-камуфлажата во целава приказна со „lag-shooting“-от? Еве ви една слика што најдобро ќе ви појасни.
^ Пробајте да одредите колку брода гледате, и во кој правец се движи/ат. Сега замислете дека истово го гледате преку перископ и се одвива на далечина од стотици метри. Сега замислете дека се неколку бродови, еден зад друг, како зебрите. Каде ќе пукате за да погодите?
Баш така. Се вели дека Dazzle камуфлажата ги збунувала и најдобрите нишанџии. Пукачот имал мала маргина на грешка. Камуфлажата можела да ги збуни дури и искусните торпедџии за дури и до 55 (аглови) степени, што е и те како доволно за да промашиш.
Век подоцна, војната и воената технологија е драстично поразлична. Бродовите ишарани како зебри веќе немаат поента. Dazzle камуфлажата, пак, си тера свој живот – најмногу меѓу автопроизводителите, кои ја користат за да ги маскираат финесите на формата на новите модели до официјалното претставување – ем за да не го расипат изненадувањето, ем за да избегнат конкурентите да им крадат идеи.