
Секулиќ во 1939 година станала првата жена избрана за членка на Српската кралска академија, а во 1950 година и редовна членка на Српската академија на науките. Писателка, преведувачка и познавачка на повеќе јазици и култури, таа ја поврзува книжевноста со широк интерес за образованието, уметностите и самостојноста на човековата мисла.
„Сопатници“, првпат објавена во 1913 година, содржи шеснаесет прозни текста на границата меѓу расказот, лирскиот запис и есејот. Самотијата, копнежот и потребата за слобода се изразени преку впечатливи сетилни слики и променливиот ритам на реченицата. Со оваа книга Секулиќ го насочува вниманието кон внатрешниот живот и кон искуствата што тешко се сведуваат на едноставно објаснување.
„Писма од Норвешка“, првпат објавена во 1914 година, го проширува патописот кон прашањата на културата и заедничкиот живот. Покрај пределите, авторката ја интересираат училиштата, трудот, солидарноста и пристапот до знаење. Особено интересен е вклучениот текст „Во Норвешка никој не живее зад Божјиот грб“, посветен на грижата културата и образованието да стигнат и до оддалечените места.
Објавени една по друга на почетокот на нејзиниот книжевен пат, двете книги го покажуваат распонот на интересите на Секулиќ: од личната самотија до условите што му овозможуваат на човекот да учествува во животот на заедницата.
Македонските изданија ги пренесуваат целосните дела, со преведувачки белешки, објаснувања и биографски прилози.



