„Клетите фашисти“ станаа „душмани клети“, Владата негира дека се работи за политичка цензура на „А бре Македонче“ (ВИДЕО)

„Нека разберат душманите клети, македонско име нема да загине“… Вака Хорот на Националната опера и балет (НОБ) ја испеа „А бре Македонче“ на вчерашната владина прослава на 11 Октомври во Куманово (45:00 во видеото), иако стихот што сите го знаат вели, всушност, „клетите фашисти“.

Ваквата измена јавноста веднаш ја оквалификува како цензура поради односите со Бугарија и предизвика низа реакции. Прв, сепак, беше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој го посочи спорниот стих уште на самата прослава, во своето обраќање.

„’Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине’… така ние ја учевме оваа песна, а нашите предци, на кои денеска им се поклонуваме, рамо до рамо со светската антифашистичка коалиција се бореа против нив и се изборија за она денеска што го имаме – држава, идентитет, јазик, сопствена култура, живот, соживот, Македонија“, рече Димитриевски, а подоцна и го цитираше во својата објава на Фејсбук.

Од Владата, меѓутоа, демантираат дека се работи за било каква политички мотивирана цензура:

„Остро демантираме дека постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна со политичка позадина. На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизацијата на аранжманот, според нашите сознанија, е правена во доцните седумдесети, односно рани осумдесети години”, одговориле од „Илинденска“ за порталот МКД.мк, кој, во последниот дел од својот текст се фокусира и на тоа колку е апсурдна измената, макар била и за да ѝ се удоволи на Бугарија.

Идентичен е и одговорот на Националната опера и балет (претходно именувана Македонска опера и балет) за порталот „Сакамдакажам.мк“. „Не постои цензура ниту каква било произволна измена на текстот“, категоричен е Васо Ристов, директорот на НОБ, од каде ја испратиле и партитурата за конкретната изведба.

И додека Владата се повикува на „автентични аранжмани“, притоа меѓу редови оставајќи простор за впечатокот дека тенденциозно се избираат погодни аранжмани, скандалот со „А бре Македонче“ е само уште еден во низата такви изведби.

Само два месеци порано, на 2 август, на прославата на Илинден во Крушево, Хорот на НОБ изостави цела строфа од револуционерната македонска песна „Во борба, македонски народе”, и тоа токму онаа каде се пее за смелите партизани, кои, под знамето на Гоце Делчев, се борат против фашистите:

„Излеговме ние смели партизани,
над нас на Гоце знамето се вее, во гори,
полја и на сите страни,
фашистичка крв насекаде се лее“…

Образложението повторно беше дека се работи за автентичен аранжман кој се користи повеќе од 15 години. За волја на вистината, вчера во Куманово, непосредно пред „А бре Македонче“, хорот ја изведе „Во борба“, вклучително и наведените стихови.

Прочитајте и:  „Жените на Пучини“ во Националната опера и балет во рамките на „Месец на Пучини“

Делови од македонските револуционерни песни, и тоа оние кои Бугарија би ги сметала за спорни, почнаа да „исчезнуваат“ во 2019 година, кога пејачката Тамара Тодевска ја изведуваше македонската химна на прославата на Денот на независноста на САД (4 Јули) во Американската амбасада во Скопје и тотално ги измеша стиховите на начин што го изостави токму оној кој ги спомнува „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“. До ден денешен Тамара (колку што знаеме) инсистира дека се работело за ненамерна грешка.

***

Што се однесува до „А бре, Македонче“, се смета за македонска народна песна од патриотски, борбен карактер, истовремено и химна на партизанското движење во Македонија од периодот на НОБ за време на Втората светска војна. Иако се смета за народна песна, всушност е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски- Оцка, и тоа не случајно.

Како што пишува на македонската Википедија, „А бре Македонче“ напишана во прилепско, два месеца пред државната химна „Денес над Македонија“. Создадена е во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир во Македонија под германска, бугарска и италијанска фашистичка окупација.

За создавањето на песната, во своите дела и сведоштва за формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и неговото дејствување, пишуваат хроничарите на НОБ – Коце Солунски и Љубен Георгиески-Љупта.

Имено, на 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна што ќе биде химна на одредот и која ќе го подигнува борбениот морал на борците, а воедно и ќе го поттикнува населението за вклучување во партизанското движење.

„Задачата им била доверена на Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка. Овие борци не биле случајно избрани. Крсте Црвенковски како политички комесар на одредот имал задача да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата, Коле Чашуле со својата писателска дарба дал придонес во составувањето на текстот, а Ордан Михајлоски-Оцка, кој бил талентиран и образуван виолинист, учествувал во создавањето на музиката за песната“.

Инаку, во првичниот текст, стихот гласел:

„Нека разберат денешните тирани,
Македонско име нема да загине!“

- Реклама -