Кишида: Јапонија ќе користи нуклеарна енергија за да ја намали зависноста од рускиот гас

Токио, 5 мај 2022 (МИА) – Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека земјата ќе почне да користи нуклеарни реактори за да помогне во намалувањето на својата, но и зависноста на другите земји од руските енергенти.

Јапонија стана позависна од рускиот гас откако ги затвори сопствените нуклеарни реактори по катастрофата во Фукушима во 2011 година, кога земјотрес и цунами предизвикаа топење на реакторите, предизвикувајќи катастрофа во североисточниот регион.

Но, со претстојните избори во јули и зголемувањето на цените на енергијата кои влијаат врз гласачите, Кишида истакна дека нуклеарната енергија ќе биде дел од идната енергетска политика на земјата.

Тој рече дека Јапонија ќе ги прошири изворите од кои снабдува енергија, ќе промовира обновлива енергија и ќе користи нуклеарна енергија.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

„Ќе ги искористиме нуклеарните реактори со безбедносни гаранции и ќе придонесеме за глобално намалување на зависноста од руската енергија. Работењето на само еден постоечки нуклеарен реактор би го имал истиот ефект како милион тони нов ЛНГ (течен природен гас) годишно на светскиот пазар“, нагласи Кишида пред публиката во финансискиот округ на Лондон.

Голем дел од јавноста и компаниите сакаат Владата во Јапонија да ги рестартира нуклеарните реактори за да гарантира енергетска безбедност, откако украинската криза и зголемените трошоци за енергија го сменија начинот на размислување.

Јапонскиот премиер изјави во Лондон дека земјата има за цел да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година и да ги намали емисиите на стакленички гасови за 46 отсто до 2030 година.

- Реклама -