Кина усвои закон за невоени активности на армијата, САД стравуваат дека се подготвува за „специјална операција“ врз Тајван

Пекинг, 14 јуни 2022 (МИА) – Кинескиот претседател Си Џинпинг потпиша наредба со која се прогласуваат пробни правила за невоени дејствија на армијата, објави новинската агенција Синхуа.

„Правилата се наменети за заштита на животот и имотот на луѓето, суверенитетот, безбедноста и интересите на земјата, светскиот мир и стабилноста во регионот. Овој збир на одредби, кој се состои од шест поглавја и 59 членови, ќе послужи како правна основа за невоена акција на армијата и ќе стапи на сила на 15 јуни 2022 година“, се наведува во информацијата.

Според Глобал тајмс, кој се повикува на анонимен воен експерт, одредбите ќе обезбедат правна основа за кинеските војници да извршуваат задачи како што се помош при катастрофи, хуманитарни мисии и мировни операции, како и да ги постигнат целите за „заштита на националниот суверенитет и кинеските безбедносни и развојни интереси“.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Според аналитичарите интервјуирани од медиумите, новите правила ќе ѝ овозможат на кинеската војска да ги чува виталните транспортни патишта за стратешките ресурси како нафтата, како и да ги штити инвестициите, проектите и персоналот надвор од земјата.

Од своја страна, Радио Слободна Азија, кое е финансирано од американската влада, изрази загриженост во врска со мноштвото регулативи. Според нив, Пекинг можеби се подготвува за специјална операција против Тајван, која нема да биде класифицирана како воена акција.

- Реклама -