„Еднаш се разделивме од Хрватска кога не носевме одлуки и истите тие кои не ги носеа одлуките сега се против одлуките за европските интеграции“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, прашан дали Македонија и Албанија ќе бидат одвоени на патот кон ЕУ на декемврискиот самит.
„Ние со Хрватска почнавме заедно, тие се сега дел од ЕУ, воведоа евро и се дел од Шенген зоната“, додаде Ковачевски.
Според него, процесот на проширување е отпочнат и, како што рече, се надева дека ќе биде завршен.
Тој посочи на пораките од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана од претставниците на ЕУ, вклучително и францускиот претседател Макрон – дека процесот на проширување е отворен и ќе се одвива во две паралелни фази – подготовка на ЕУ до 2030-та за прием на нови членки, и исполнување на обврските од страна на земјите кандидати.
„И тоа значи дека оние кои побрзо ќе ги завршат своите обврски, кои побрзо ќе ги направат реформите, тие први ќе влезат во ЕУ. Јас се надевам дека Северна Македонија ќе ја задржи својата лидерска позиција во делот на европските интеграции во регионот и дека нема да се случи она што не посакувам да се случи, а тоа е да другите земји отидат пред нас, а ние да останеме во група на Косово и БиХ. Со сета почит кон државите, меѓутоа сметам дека ние како држава согласно сите перформанси сме на повисоко ниво и заслужуваме да бидеме земја која прва ќе влезе во 2030 година во ЕУ. Повторувам уште еднаш, сега од нас зависи, не зависи од никој друг“, оцени Ковачевски, индиректно алудирајќи дека Албанија, ако нема поддршка за уставните измени (од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред сè), може да нè остави назад на патот кон ЕУ.
Извор: МИА